Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ преку профилите на социјалните мрежи објави детали за утрешниот настан пред македонското Собрание, насловен „Народно Собрание“.
„Народното собрание започнува утре, ќе започнеме да се собираме од 11 часот, официјално започнуваме во 12 часот, пред Собранието на Република Македонија. Ние му даваме глас на народот и работиме наместо нашите народни избраници, кои нè напуштија во моментот кога беа најпотребни.
Оттаму велат дека настанот ќе биде поделен во два дела.
„Во првиот дел, ќе ги презентираме нашите барања – јасно и директно. Барањата се глас на граѓаните, глас на разумот, глас на сите оние кои со години бараат институциите да бидат сервис на граѓанинот, а не инструмент во рацете на партиите. Во вториот дел, микрофонот го отвараме за јавноста. Секој човек што чувствува неправда, што смета дека институциите мора конечно да си ја завршат работата, што бара поголема безбедност, одговорност и транспарентност, добредојден е да зборува. Добредојден е да го каже својот став, својата болка, својот предлог. Да не молчи“, истакнуваат од Иницијативата.
– Сите можеме да бидеме следни жртви, но утре, ние ќе бидеме следни на микрофонот. Не смееме да чекаме повеќе. Гласот мора да се слушне, а институциите мора да реагираат, велат од „Кој е следен?“.
„Да не заборавиме, кога пратениците се на одмор, народот е на улица. Ова е повик за одговорност. Денешните напади против „Кој е следен?“ се само уште едно поглавје од низата лажни приказни со кои се обидуваат да нè оцрнат, да нè замолчат, да ја извртуваат вистината. Но, вистината не може да се скрие зад спинови и манипулации. „Кој е следен?“ е на страната на вистината, на страната на правдата, на страната на граѓаните. Тоа можеби не им се допаѓа на некои, но се надеваме дека ќе биде препознаено од повеќето. Ви благодариме на поддршката, на храброста, на истрајноста“, се наведува во објавата од иницијативата „Кој е следен?“.
Ј. Ѓ.
Прочитајте и…
Официјално оградување на „Кој е следен?“ од политичките партии: Не ни треба вашата поддршка