Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата, во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република, рече претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова на свеченоста по повод 5. годишнината од пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, што се одржува во касарната „Илинден“ во Скопје.
Сиљановска Давкова укажа дека како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност. Најави дека ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите нации, како и дека ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.
Претседателката рече оти верува дека и покрај одредени недоразбирања, трансатлантската соработка, базирана на меѓународни правила и принципи ќе продолжи да биде темелот и гаранцијата на европската и евроатлантската безбедност и стабилност и оти ние ќе продолжиме да чекориме и дејствуваме во заедничката насока.
Претседателката на почетокот од обраќањето наведе дека петтата годишнина од нашето членство во НАТО ја одбележуваме во сенката на големата трагедија во Кочани, што потецираше, на ужасен начин нѐ потсети дека безбедноста на граѓаните е една од основните задачи на државата. Укажа дека успешната битка за животот на повредените од страшната трагедија не беше можна без импресивната хуманост и солидарност на државите, народите и граѓаните од регионот, но и многу пошироко, како и од активираниот европски систем за цивилна заштита, но исто така и на НАТО за што сме им бескрајно благодарни.
Сиљановска Давкова истакна целта на постоењето на Алијансата се мирот и безбедноста на нејзините земји членки, но и во светот, оценувајќи дека низ децениите НАТО прерасна во стожер на северноатлантскиот и на европскиот безбедносен поредок како предуслов за мир и развој.
Потсети дека уште од првите години на нашата самостојност и независност, се изгради надпартиски консензус меѓу македонските граѓани за потребата од интеграција во НАТО, како услов за создавање амбиент на мир, стабилност и просперитет на генерациите што доаѓаат, истакна дека македонското членство во НАТО беше препознаено како врвна стратешка цел заедно со членството во Европската Унија.
– Меѓу нас се дел од ветераните на македонската одбрана коишто своите кариери ги посветија на остварувањето на оваа цел. Но, факт е дека за остварување на оваа стратегиска цел беа вложени огромни напори и направени големи жртви и болни компромиси, какви што не се барале од ниту една друга држава кандидат, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека најтешкиот дел од патот до НАТО беше изоден од самите воени и цивилни припадници на Армијата, кои преку макотрпни реформи, континуирани воени вежби и ризични мировни мисии стекнаа непроценливо искуство, но и голема заслужена почит од сојузниците. За тоа рече дека сведочат бројните признанија за стручноста, компетентноста и пожртвуваноста на припадниците на Армијата од страна на нашите стратешки партнери и високи претставници на НАТО и оти не случајно, како врховна командантка на вооружените сили, се гордее со нашата Армија, како наш важен актер во НАТО.
Сиљановска укажа дека секој влог е важен, особено, како што рече, во ова време на голема неизвесност и нестабилност, кога Северноатлантскиот сојуз се соочува со глобални безбедносни ризици и регионални воени конфликти, со традиционални, но и со нови, хибридни и сајбер-закани од државни и недржавни актери.
Потенцираше дека безбедносните закани наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја
– Вештачката интелигенција внесува дополнителна непредвидливост, а поредокот воспоставен по Втората светска војна минува низ голема трансформација. Наместо мултилатерализам, се соочуваме со опасност од мултипоралзоација. Војната во Украина предизвика невидени човечки страдања и материјални штети и ја загрозува визијата за Европа обединета во мир. Конфликтите на Блискиот Исток генерираат нови човечки страдања и нови миграциски бранови. Кризната состојба бара брз и соодветен одговор. Далеку од тоа дека јас су профил на човек кој се радувам на војните. Во ова немирно време во кое доминира воинствениот Марс, јас се уште посакувам нова доба водена од мирољубивата Венера. Но, иако честопати повикувам како Хемингвеј на збогување со војните и оружјата, свесна сум дека се наоѓаме можеби во најкритичниот геополитички период по Студената војна, Безбедносните закани наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја. Затоа, како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност, рече Сиљановска Давкова.
Затоа, дополни, ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите нации.
– Ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија. Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата, во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република, порача претседателката.
Оваа годишнина, подвлече претседателката, е потсетник не само за патот што го изодевме до членството во НАТО и по него, туку и за основната идеја на Алијансата – да се овозможи мир и безбедност на земјите членки, на нивните народи, и тоа преку дијалог меѓу слободните според салободните по духот, или како што славниот Белгиец рече ‒ Animus in consulendo liber.
– Верувам дека и покрај одредени недоразбирања, трансатлантската соработка, базирана на меѓународни правила и принципи ќе продолжи да биде темелот и гаранцијата на европската и евроатлантската безбедност и стабилност. Ние, пак, ќе продолжиме да чекориме и дејствуваме во заедничката насока, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Министерот за одбрана Владо Мисјаловски, пак, побара единството во Армијата и во Алијансата да го преточиме во единство меѓу граѓаните и да изградиме општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани. И Мисајаловски се осврна на трагедија со пожарот во Кочани и помошта од другите држави и нагласи дека денеска нема само да го одбележиме овој јубилеј, туку го одбележуваме и нашето заедништво и меѓусебната поддршка.
– НАТО не е само воено-политички сојуз и организација која ги штити надворешните граници на земјите-членки, туку е сојуз кој и покрај сите различни гледишта на мноштво теми има една заедничка суштина – грижата едни за други!, рече Мисајловски.
Потенцираше дека членството во НАТО претставува и гарант и за стабилноста на македонската економија. Стабилност која значи можност за странски директни инвестиции, но истовремено и уште позначајно, можност за македонските компании да учествуваат на НАТО пазарот кој изнесува над 10 милијарди евра годишно.
Министерот за одбрана Мисајловски оцени дека со членството во НАТО ја зацврстивме својата безбедност, но и даваме свој придонес со свои капацитети во зацврстувањето регионалната и на колективна безбедност. Потенцираше дека од нашите 31 земја сојузник имаме голема поддршка во развојот на вооружените сили. Се развиваме заедно, рече МИсајловски, затоа што НАТО го означува токму тоа – сите заедно, со здружени сили кон силна и безбедна Алијанса.
– Инвестираме во македонската одбрана, ја модернизираме нашата Армија со силно темпо, а заедно со нашите сојузници учествуваме во голем број вежбовни активности дома и во странство со што ја зајакнуваме интероперативност, која е клучна особено при учеството во мировните операции. Имаме многу што да научиме, но и да понудиме. Да си ја чуваме Македонија, да се грижиме за безбедноста и стабилноста на регионот и пошироко, затоа што само така можеме да одиме напред, за подобар и попросперитетен живот, рече Мисајловски.
На свеченоста се обратија и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот Сашко Лафчиски и командантот на здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Стјуарт Манч, а присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, претставници од воено–дипломатскиот кор во земјава и други гости.