Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обидува да „отстапи“ од договорот за минерали со Соединетите држави, изјави во неделата претседателот Доналд Трамп.
„Мислам дека Зеленски, патем, се обидува да се повлече од договорот за ретките земји, и ако го направи тоа, има некои проблеми – големи, големи проблеми“, им рече Трамп на новинарите од Ер Форс 1.
Што точно претставуваат овие проблеми останува непознато.
САД предлагаат нов договор за украински минерали, како и нафта и гас, без да понудат безбедносни гаранции за возврат. Фајненшл тајмс објави дека Вашингтон агресивно ги проширува своите барања.
Според Кијив Индипендент, украинските власти моментално ја разгледуваат најновата верзија на договорот за минерали, кој, наводно, им дава на САД невидена контрола врз природните ресурси на Украина преку заеднички инвестициски фонд.
Трамп им рече на новинарите дека верува оти Зеленски повеќе не сака да го потпишува договорот и предупреди дека неговото одбивање ќе има последици.
„Тој сака да биде членка на НАТО, но никогаш нема да биде членка на НАТО. Тој го разбира тоа“.
Зеленски на 28 март рече дека нема да потпише договор за минерали што ги загрозува плановите на Украина за пристапување во Европската унија.
„Ништо што може да го загрози пристапот на Украина во ЕУ не може да се прифати“, рече тој.
Блумберг на 29 март објави дека Кијив бара промени во сегашниот предлог, вклучително и поголеми инвестиции од САД и поголема јасност за тоа како заедничкиот фонд ќе работи.
Администрацијата на Трамп го промовираше договорот за минерали како суштински дел од патот на Украина кон мирот, но не успеа да понуди конкретни безбедносни гаранции во замена за широк пристап до ресурсите. Кијив и Вашингтон требаше да потпишат претходна верзија на договорот на 28 февруари, но планот пропадна по жестокиот спор во Овалната соба меѓу Зеленски, Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс.
Белата куќа го опиша договорот за минерали како механизам за САД да „повратат“ дел од финансиската помош што и ја обезбедија на Украина од почетокот на руската инвазија во целосен обем.
Трамп, исто така, рече дека сака да го истражи договорот за природни ресурси со Русија. По телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин на 18 март, Трамп рече дека САД се надеваат да ја прошират трговијата со Москва и да добијат пристап до „многу големи форми на ретка земја“.
Путин претходно на 24 февруари рече дека Русија е отворена за соработка со странски партнери за развој на метали од ретки земји, вклучително и во окупираните региони на Украина.
Драган Мишев / Цивил Медиа