Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар пред 10 дена се искачи на најмалку 3.514, а уште 210 лица се уште се водат како исчезнати, покажуваат податоците објавени денеска од воената влада на Мјанмар.
Најмногу жртви се пријавени во и околу Мандалеј, вториот по големина град во земјата, каде што се потврдени над 2.100 смртни случаи.
Напорите за помош се сериозно отежнати од тековните обилни врнежи и ветер, кои ги оштетија шаторите и импровизираните медицински установи поставени од меѓународни тимови. Метеоролозите предупредуваат на зголемени ризици од поплави и лизгање на земјиштето како што се приближува сезоната на дождови, пренесе ДПА.
Властите ги прогласија операциите за пребарување и спасување за завршени, префрлајќи го фокусот на закрепнување и чистење. Извештаите покажуваат дека мртовечниците се преполни, со масовно кремирање на отворени површини.
Ситуацијата ја компликуваат чести последователни потреси и прекин на интернетот, кои ја нарушуваат комуникацијата и координацијата на помошта.
Штетата во некои области е катастрофална, со уништени до 80 отссто од инфраструктурата во градот Сагаинг, според весникот The Irrawaddy. Хуманитарната ситуација останува многу тешка, особено за ранливите популации во нацијата погодена со конфликти.