Затвор во период од шест месеци до три години побара Главното обвинителство во Истанбул за 139 лица обвинети за „прекршување на забраната за собири и демонстрации“, објави ТРТ Хабер.
Во обвинението се наведува и дека осомничените дејствувале заедно и намерно, посочувајќи дека и против нив се води истрага и по обвинение за „непослушност кон службено лице“ и „навреда на претседателот на државата“.
Од 139 осомничени, 104 се уапсени, додека по останатите се уште се трага, наведува медиумот.
Масовните протести во Истанбул се поттикнати од приведувањето на поранешниот градоначалник на градот, Екрем Имамоглу, на 19 март, а демонстрациите резултираа со судири меѓу органите на редот и демонстрантите. Во исто време, во Истанбул, Анкара и Измир беше воведена забрана за собири и демонстрации, што не ги спречи луѓето да излезат на улица.