Претседателот на „Македонски концепт“, Петар Богојески, како што објави тој на Фејсбук, е поставен за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
„Со особена чест и чувство на одговорност ве информирам дека ја примив Одлуката од страна на стручниот Управен одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, со која на Јавен повик сум избран на позицијата директор на оваа важна национална институција. Овој предизвик го прифатив свесно и одговорно, не затоа што е лесен, туку токму поради комплексноста и сериозноста на задачите што произлегуваат од образовниот сектор, особено во рамките на европските образовни програми“, наведува во објавата Богојески.
Најголем дел од фондот на пари со кои располага агенцијата доаѓа од „Еразмус+“, програмата на Европската Унија наменета да го поддржи образованието, обуката, младите и спортот во земјите во Европа, меѓу кои и Македонија.
Петар Богојески е назначен на функција на местото на Марко Ѓоргиевски, кој ја водеше оваа институција од ноември 2020.
Во политичката кариера Богојески има големи турбуленции во своите ставови
Петар Богојески во јавноста стана познат во 2018 кога како „реформатор и фракционер“ беше разрешен од функцијата заменик генерален секретар во ВМРО-ДПМНЕ. Оттогаш па се до формирањето на Македонски концепт, Богојески делуваше како фракција во ВМРО-ДПМНА и голем критичар на Мицкоски за пред последните парламентарни избори неговиот Македонски концепт да влезе во заедничка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Богојески сегашниот премиер Христијан Мицкоски во октомври 2020 година го имаше ставено во групата како што ја нарече – „бандити и предавници“.
„Во врска барањето на Христијан Мицкоски да престанам да дејствувам на политичка сцена, а испратено преку дотичната “четничка” Иванка Ива Додовска Василевска Македонска… и уште Бог знае каква, изјавувам: Јавно се извинувам на сите Македонци (граѓаните на Македонија), што не направив дополнителни напори да Ве куртулам од вакви бандити и предавници на Македонија!“
Во декември 2019 година Богојески го нарече Мицкоски „Мали Слобо“
„Денот по утрото се познава!!! Мали Слобо од Македонија!!! Желбата да се биде „Слобо во Македонија” не можеше да биде сокриена. Таа е посилна од се! Прв потег и се е на виделина! Офицерите треба да ја водат Армијата! Цивилите ги водат безбедносните структури! Така е во целиот нормален свет, тоа кај нас е уставна категорија, но и НАТО стандард!!! Мицкоски прво покажа елементарно непознавање на Уставот на Републиката, НАТО стандардите и немање на минимален тим за носење на сериозни државни одлуки или за делегирање на функционери на одговорни позиции!“, напиша тогаш Петар Богојески од Македонски концепт.
Богојески за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски во февруари 2021 година рече дека е „ситна душа, што краде и лаже“.
„Ситен крадец ситна душа. А мислевме само на крупни кражби оди Антонио Милошоски. И не само што краде, туку и лаже. Само вистината е како шило, врти, врти, ќе се појави, вели Петар Богојески во соопштение од Македонски концепт. Како можел Милошоски да помине кандидатура во ДИК со потврда дека е осудуван? Како можела партијата да го поткрепи за кандидат, осудуван за џепарошлук и фалсификување? Како не се срами да соли памет по ТВ и да зборува за морал?!? Дали овие кривични дела биле клучни за да го мобилизираат во Штази – руската служба во Германија, со цел да не биде осуден на казна затвор, туку да помине со парична казна?’, напиша тогаш Богојески.
Јавноста го памети Петар Богојески и по неколку кривични пријави за ширење на говор на омраза
Коалицијата „ВЛЕН“ до Основното јавно обвинителство во август 2024 година поднесе кривична пријава за Петар Богојески за ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук. Кривичната пријава беше поднесена од страна на правниот претставник на Коалицијата адвокатот Абидин Абдуљи.
-Поднесовме кривична пријава против лицето Петар Богојески за ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук, со тоа што тој со таков говор на омраза стори кривично дело казниво по член 319 и 398 од Кривичниот законик. Го поттикнуваме Јавното обвинителство во иднина овие кривични дела да ги гони по службена должност по допир на глас затоа што истите се јавни и се даваат и во секои медиуми, на социјалните мрежи, рече тогаш Абдуљи.
На новинарско прашање дали можеби поднесувањето на кривична пријава против Богојевски политички ќе влијае, Абази смета дека нема да влијае и потенцира дека сепак треба да се покажат границите што е дозволено и што не. – Нема да молчиме во ситуации кога не се третираме со почит како што впрочем ги третираме другите, рече Абази.
Претходно во мај 2021 година неколку граѓански здруженија, до МВР поднесоа пријава за говор на омраза и закани од страна на Петар Богојески, тогаш државен советник во Министерството за одбрана на Северна Македонија.
На фејсбук страната на политичкиот лидер на партијата Македонски концепт, и вработен во Министерството за Одбрана на Република Северна Македонија, Петар Богојески во последните неколку денови континуирано се шири говор на омраза, се наведува во соопштението.
„Со своите објави на фејсбук страната и на приватниот профил, истиот предизвикува национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. Тој исто така јавно шири говор на омраза против ромската заедница и припадниците на исламската заедница, која е во спротивност на темелните вредности на нашата држава.
На 24 мај, објави пост во кој вели, цитирам: „Глумицо една, јас не сум ти крив што се мразиш себе си и кожата ти српска во која си се родила! Не сум јас крив што си го мразиш племето свое од каде потекнуваш!“
Овој пост е наменет на припадничката на бошњачката заедница, Мерсиха Смаиловиќ која дестина дена е мета на контиуниран напад и говор на омраза на фејсбук страната и профилот на лицето Петар Богојески.
Преку овој пост се шири расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, посебно поради бројните коментари и споделувања овој пост достигнува до голем број корисници на ФБ. Се негира и понижува идентитетот на нашата заедница поттикнувајќи расна, етничка и друга дискриминација, омраза и нетрпеливост.
Во бројните коментари на кои му реплицираат сограѓаните, покажува висок степен на нетолеранција и говор на омраза. На лице кое е припадник на бошњачката заедница, му реплицира: „Ризвановиќ Едо, не ви дојде памет уште? Во деведесетите?!? Уште сакате?“
Директно повикувајќи на геноцид, агресија, силувања и уништување на бошњачкиот народ во времето на агресијата која се случи на територијата на БиХ, од 91 до 95 година.
Со овој говор на омраза истиот шири и верска и национална омраза и повикува на насилство кое имало смртни последици за народот во Босна и Херцеговина.“, стои во соопштението.
Подносители на пријавата се: Селма Ризвановиќ Мандал – Здружение на жени ЕДУ НИСА Скопје, Аделаид Каришиќ – Бошњачки Истражувачки Центар Скопје, Изета Бабачиќ – Здружение на бошњачката жена Диванхана Скопје, Мерсиха Смаиловиќ – Здружение на граѓани ЛЕГИС Скопје, Мухамед Шукурица – Форум на Бошњаците во Македонија и Јусуф Чоловиќ – Здружение на граѓани НАФАКА.
И Граѓанското движење АВАЈА реагираше на јавните расистички објави кои лидерот на „Македонски Концепт”, ги споделува на својот Фејсбук профил, како што велат, при што јавно ги навредува Ромите и шири говор на омраза кон различни групи на граѓани.
Ј. Ѓорѓиоски