Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Трамп ќе одел на специјалистички преглед.
Очекувањата на светот се поделени.
Тој е единствениот човек за кого многумина навиваат да му најдат некоја болест која бргу ќе го ослободи од извршниот продуцент на задоцнетиот американски феудализам, а шизофренијата ја нагласува дел од истиот свет (Жижек) кој бара да се молиме специјалистите да го прогласат американскиот претседател за здрав зашто ако има болест која бргу ќе го умре, на чело на државата која и во најголемиот страв почна да служи за охрабрувачко заебавање, ќе дојде роботот Ванс кој импулсивното, театрално и безобразно насилство на Трамп ќе го претвори во строгост на државната должност и мисија. Демек SA екипата на портокаловиот кловн ќе ја претвори во нова формација на SS единиците кај нацистите.
Психопатот ќе биде прогласен за поздрав од кога и да е и ќе добие валидна лиценца да ги пали шупите и облакодерите, цели држави и народи, како да се кочански шупи. Што заедно со лиценцата за недостапност за правдата, ја искачува опасноста од неговата психопатолигија на неверојатни височини.
И затоа е добро што во меѓувреме го шокира смислата на светот да се заебава со неговата криптонска величина.
Си Џинпинг не му крева слушалка.
Ѝ вика на секретарката, кажи му на господинот Трамп дека сум во веце и кажи му да не ме бара пред да покаже почитување наместо што ми го нуди својот смрдлив газ, односно пред да појде на Фокс њуз да ми се извини мене, на Кина и на кинескиот народ.
И другите не го ебат во газот што им го нуди за лижење.
Хахаха!
Во меѓувреме, сектата во Вашингтон продолжува со конституирање на своите ритуали: ги пеат своите госпели, утврдуваат хитови за депортација на нелегалните имигранти и се богатат со манипулации на берзата. Трупаат огромни пари. Кои некои Американци ги губат и ги проколнуваат и Господ и Луцифер кога ги прелажале да му го дадат својот глас на Портокаловиот коњ од Белата куќа. Како и да е, бевме сведоци на најголемата еднодневна пљачка на граѓаните во режија на државата.
Но тоа, сепак, не беше цел туку само последица на поразот на идејата светот да се натера и натаму да ја финансира американската благосостојба односно да го плаќа исправањето на тамошните дефицити.
Историски пораз.
Бандата со моторната пила во својата мисија за бришење на американската демократска и правна историја и традиција се потпира на искуствата на Македонија со демонтажните и кретенизирачки потфати на вмро со особено внимание на кучешката трпеливост на хората од една страна и на калвинистичките основи на американската идеологија: човековата природа е мрачна, зла, грешна, себична, реагира само на егоистични материјалистички или натпреварувачки мотиви, од друга страна.
Македонците се покажаа како добри бели лабораториски глувци кои на американскиот трампизам му покажаа колку е лесно од луѓето да направиш мајмуни, а од државата приватен посед за себе, а срање за народот.
Со истите флоскули за грејт агеин, гордост, достоинство, идентитет, историски заслуги, статус на искористувана и малтретирана жртва.
Блаблабла.
Имаме причини да бидеме горди, затоа што со својата инфантилност сме учествувале во одредувањето на светските процеси.
Хахаха!
Има и разлики, се разбира.
Американскиот индивидуализам се преведува како „хо-јен-чуи“, секој човек за себе, себичност; слобода на кинески тоа е „тцу ју“ што значи да се биде надвор од контрола, да правиш што сакаш без да ги следиш своите одговорни должности, бесконтролност.
Македонскиот индивидуализам се пројавува само на нивото на расипаност, инаку тоа е безлична маса која во светот на слободата се однесува како медуза во благо разбранувано море. Ние сме влакна што мајмунот ќе ги загуби кога ќе стане човек.
Културниот империјализам беше најважниот аспект на американските пласмани и доминација. Не треба да нѐ чуди што САД не беа ксенофобични. Тие извезуваа култура и беа сигурни во тоа дека ќе ги заразат или заведат сите што ќе ја допрат.
Така и беше.
Трамп ја менува таа клучна поставка на американизот и на неговата доминација, многу поважна од сите носачи на авиони и ракети. И го прави светот ксенофобичен кон сѐ што е американско, а Америка кон сѐ што е преку океаните.
Во иднина би можеле да бидеме преспоени и репрограмирани – повеќе еуфорија, повеќе одмор, со помош на дроги, поништени деструктивни асоцијации, доброволни, селективни амнезии, отпорност на кон совеста односно бришење или ампутација на совеста.
Како кај Македонците.
И во тоа сме глувци.
Вештачката интелигенција ќе ни помогне да се прешалтаме пред да исчезнеме.
Нациите и државите нема да исчезнат утре, но новите политики мора да работат како дека ќе ги снема утре. Во таа смртоносна смисла, политиката на вмро е помодерна од салонската политика на сдсм. Богојески е последна инстанца на институционалната и кадровска мрежа со која вмро ќе ја загради Македонија како кокошарник. Лудоста и просташтвото имаат резонанци за разлика од баналниот тон на сдсм кој не го дослушува и тој што го стиска клавишот. Нивната политика е како стиснат и заглавен клавиш. Немаат чинели, труби, тромбони и тимпани. А и да им дадеш, нема кој да ги свири. На вмро му се доволни и гајди и зурли или цепенковски мудросерии: секое дете треба да знае (Мицко) да каже дека семејството не се само мама, тато и јас, туку мама, тато, јас, бато и дада и кога ќе му дојде времето, да направи таква фамилија, плус две дади и три батковци.
На кого во сдсм му текнало да го повторува овој цепенков конфучијанизам (хахаха) од вечерната школа на Жељко Перван?