Што може да се каже за Париз а да не е нешто што веќе не сте слушнале.
Нема ни да се обидувам да напишам различно, ами ќе се обидам да ви го доловам само нашето доживување од поминати седум дена во Париз.
Инаку, да се разбереме, малку се седум дена во Париз. Малку се и четиринаесет. Едноставно, би рекол, не може да ти биде никогаш доста од Париз.
Обично ме нервираат извикани места и знаменитости, ми прават некој отпор и радо би да ги избегнам. Но, овде не е таков случајот
Она што треба неизбежно да се види кога си во Париз, се оние места, музеи, знаменитости… што сите сме ги чуле: Ајфелова, Лувр, Версај, Триумфална, Монмартр, Дизниленд, Нотр Дам…
Кога бевме првиот пат во Париз, ги поминавме редум (освен Нотр Дам, тогаш сè уште беше во фаза на реконструкција од пожарот), сите печати на Париз.
Беше тоа за Божик и Нова Година пред Олимпијадата.
Парижани ги очекуваа Олимписките игри и се чувствуваше еуфоријата во градот. Ама затоа пак беше и изгор новогодишно скапо. Влезниците за сите знаменитости беа со речиси дупло повисоки цени.
Е сега, Барбара Буч да ти е ди-џеј за Нова Година на преполна Шанз-Елизе од Конкорд до Триумфална капија, е нешто неповтроливо и вреди за сите пари.
Исто како што не се доживува често дружината на Мики Маус да ти посака Среќна Нова во Парис-Дизни светот.
Добро де и божиќната приказна со блескавите украси на прекрасната Лафајет го одземаат здивот. И греаното вино на Монмартр. И погледот од височините на Сакре кер и…
Впечатокот од првата посета си ја донесе втората. Само што се вративме, зборот беше – Кога ќе одиме пак?
Тоа не беше некоја еуфорична возбуда што поминува за неколку дена, туку чувствуваш вистинска потреба да му се навратиш на градот, оти знаеш дека е многу повеќе од тоа што си видел.
Не помина ни година и пол, ете му сме пак.
Целта овој пат беше не само да се види, туку да се доживее Париз.
Градот се доживува со звуците на хармониката и трубата; со парковите со луѓе каде тревата е за газење; со боите; со Сена, со мостовите и кејовите; со уметноста во Орсај (Орсе) и Пампиду; со носталгијата на округот од пазарот на Антиквитети; со вкусот на паризиен крепсот купен од киоск на улица во Латинскиот кварт…
Париз за наш стандард е скап град.
Пиво мало во таверна е 5 евра, голема кригла 10 евра. Крепс (голема палачинка со сирење и шунка, или со нутела и банана…) ти е од 5 евра па нагоре. Пици се најдуваат и од 10 евра и тоа кај Мулен Руж, ама што знам за вкусот што да кажам. Затоа пак ги имаш француските сирења, лебови и пецива, да си ги комбинираш со какви сакаш намази. Сигурно на нет има многу покорисни совети околу јадењата во Париз, нам тоа не ни беше битно, не ме земајте за релевантен.
Цените во маркетите се како кај нас, а таму имаше се што ќе посакаш.
Ако пак си спремен да уживаш француски специјалитети и вина добро наполни си ја картичката и новчаникот.
Што има, што нема, и каде да одиш?
Ги имаш на тацна сите извикани инфлуенсерски инстаграм кафулиња, локали и ресторани каде ќе дадеш куп евра за кроасан и кафе. Ако ме прашаш лично, слободно можеш да ги изоставиш и занемариш. Седни си во кое и да е друго кафуле ем ќе платиш двојно поевтино, ем нема да чекаш ред за маса. Башка сам си го бираш локалот, а не некоја иссилена дада-тетка од Инста, со три кила филтри на фотките и видеата која е, се разбира, добро платена за тоа.
Можеш да поарчиш цел ден низ уличките и на пазарот за антиквитети кој ти е цел еден кварт на заборавени предмети, сеќавања, носталгија и уметност.
На враќање одмори кратко во Ла Рисајкл кај адаптираната напуштена пруга, а после можеш и едно кригла пиво, чашка вино… пред да им се намерчиш на првите скали што качуваат на Монмартр.
Шетај по кејот на Сена цел ден. Можеби ќе имаш среќа да начекаш џез трио штотуку распослано на импровизирана бина. Сигурно ќе видиш стотици гушнати заљубени парови, деца, мајки, дедовци… ќе ти довикуваат за поздрав туристите од бродот-рестораните што пловат по Сена.
Мостовите во Париз ти се како вените што го поврзуваат срцето на градот со неговата душа. Има повеќе од 30 мостови што ја преминуваат Сена, секој со своја историја, стил и приказна.
Оди по оној мост, по овој, по сите што ќе ти се најдат на патот, ама оди и по двокатниот пешачки мост Симон де Бувеар, посебно навечер.
Ти искачиси се на Ајфелова, но ако сакаш да ја видиш Ајфеловата од високо со сиот сјај, ете ти ја кулата Монпарнас. Париз на дланка од сите страни од сите светла.
Зајдисонцето во Париз:
Оди таму бар пола саат пред зајдисонце и чекај да се стемни.
Парковите се приказни за себе. Луксембуршките и Тјуилериски градини, паркот Монсо. Не стигнавме до Парк де ла Вилет, ама имајте си го на ум.
Треба да ги спомнувам Версајските градини?
Тоа не се градини тоа ти е цела една шума со езера, фонтани, лебеди, пајки, верверици испомешана со звуците на кралска музика која доаѓа од шумата. Моја препорака ви е кога го посетувате дворецот Версај, да излезете од филмот што може да ви се врти во глава дека – додека Луј кралевите и Марија Антоанета со колачите уживале во раскошот, народот на Франција гладувал и умирал. Јас не успеав да излезам од филмот, ама сепак беше убаво да се види тоа. Сега бар таа убавина ја уживаат сите мештани и посетители. Џагорот на децата си го кажува тоа.
Во Музејот Орсај што да не пропуштиш?
Па не пропуштај да го посетиш.
Од досега што сум видел, Орсај заедно со Прадо од Мадрид се најубавите музеи во Европа.
Приказната е тоа што особено ме плени. Музејот Орсај претходно бил палата, за во 1900 година биде изградена железничката станица Гар д’Орсе. Е, на батки од власта им текнало да ја рушат, ама парижани не ја давале – се избориле и во 1986 година ја преадаптирале во Музеј.
Спектакуларен рај за љубителите на импресионизмот и пост-импресионизмот!
Моне, Мане, Ван Гог, Дега, Сеган, Реноар, Гоген… Таму ѕидовите висат на сликите а не сликите на ѕидовите. На три нивоа висат. А тука е часовникот што не покажува време, а дури си се завртил поминале три часа.
Во Ѕвездената ноќ од Ван Гог си се дружел со балерините на Дега, за потоа со Мане да се симниш на Појадок на трева.
Ами уметничките постери што биле рекламни плакати за настани на Монмартр, Мулен руж, првиот плакат за бисквити? Неверојатно. Значи правиме муабет за 19 век.
А ништо не ви раскажав за културниот центар Пампиду, кој ако не побрзате, како што најавија од септември оваа година па се до 2030 година ќе се реновира.
Таму начекавме неколку изложби, а од ParisNoir не можевме да се одделиме.
Нема крај ова, можам вака со часови!
Зарем е можно да не стигнав да пишам за Нотр Дам внатре, за Монмартр, За Сакр кер?!
Париз е град што те повикува. Те тера да го ровариш, да го одиш, да го седиш, да го пловиш. Те тера да мавнеш бар 20к. чекори дневно; барем два часа во метро да гледаш луѓе; бар два часа да ги мирисаш парковите; бар седум дена да ја гледаш Сена.
Париз е град што ако не можеш да си дозволиш да живееш во него, мора да се посети уште еднаш, и уште еднаш, и уште еднаш…
Јане Ѓорѓиоски
Фото Ана и Јане