Реката Амазон, која се протега на околу 6.400 километри, е уникатна по тоа што нема ниту еден мост што ја преминува. Ова е особено изненадувачки со оглед на тоа што преку 30 милиони луѓе живеат во нејзиниот слив.
Иако реката Нил со приближно 6.650 км која тече низ 11 африкански земји и завршува во Средоземното Море, се смета за најдолгата река во светот, сепак убедливо најголема по волумен (проток на вода), река во светот е Амазон.
Амазон пренесува околу 209.000 м³/секунда вода во Атлантскиот Океан што е повеќе од следните 7 најголеми реки заедно.
И Должината ѝ е предмет на дебата. Со некои нови мерења (ако се смета изворот Апуримак во Перу), Амазон може да биде подолга од Нил – дури до 7.062 км.
Но, зошто нема мостови на Амазон?
Постојат неколку причини за отсуството на мостови на реката Амазон:
Географски и климатски предизвици: Во текот на влажната сезона, ширината на реката може да достигне до 48 километри, а нивото на водата се зголемува за околу 15 метри . Овие екстремни варијации го отежнуваат планирањето и изградбата на стабилни мостови.
Недостаток на инфраструктура и потреба: Голем дел од реката тече низ ретко населени области со ограничена патна инфраструктура. Во овие региони, чамците и траектите се главните средства за преминување на реката, што ја намалува потребата за мостови .
Еколошки и економски фактори: Изградбата на мостови во оваа област би можела да предизвика значителни еколошки последици, вклучувајќи го и зголемувањето на дефорастацијата. Дополнително, високите трошоци за изградба не се оправдани со оглед на ограничената економска корист.
Според Валтер Кауфман, експерт за мостови од Швајцарскиот федерален институт за технологија, изградбата на мост преку реката Амазон не само што е технички предизвик, туку и едноставно – неоправдана. Причината е прозаична: речиси целиот тек од 6.920 километри поминува низ ретко населени региони, каде нема доволно развиена патна инфраструктура што би барала поврзување со мост.
На тие неколку места каде што има население покрај реката, жителите веќе користат чамци и траекти за превоз на луѓе и стоки. Таа практика е дел од нивниот секојдневен живот и функционира доволно добро за да не постои вистинска потреба од изградба на мост.
Кауфман дополнително истакнува дека природните услови на теренот се далеку од погодни за ваков вид инфраструктура. Околу реката се наоѓаат обемни мочуришта и меки, нестабилни почви, кои би наложиле изградба на долги пристапни вијадукти и длабоки темели – нешто што би ја направило инвестицијата исклучително скапа и економски неоправдана, особено во регион со толку мала густина на население.
Дополнителен проблем е и променливиот карактер на самата река. Во текот на годината, длабочината и ширината на Амазон значително варираат, што го отежнува и планирањето и изградбата на каква било постојана структура. Иако овие предизвици не се единствени за Амазон, нивната сериозност е особено изразена токму овде.
На кратко, не се работи само за техничка невозможност – туку за комбинација од географија, економија и рационална употреба на ресурсите, која ја прави изградбата на мост преку Амазон, барем засега, излишна идеја.
Мостови има на притоките на Амазон
Главниот тек на реката Амазон нема мостови, но постојат неколку мостови на нејзините притоки. На пример, Понте Рио Негро е мост долг 3.595 метри што го преминува Рио Негро, главна притока на Амазон, и ги поврзува градовите Манаус и Ирандуба во Бразил .
Иако во моментов, нема мостови што го преминуваат главниот тек на реката Амазон, сепак, постојат предлози за изградба на мостови во иднина, но тие се соочуваат со значителни технички, економски и еколошки предизвици.
Ј. Ѓ.