Од синоќа во 22 часот во организација пет белгиски синдикати се одржува нов 24-часовон штрајк на вработените во Националната железница на Белгија (СНЦБ/НМБС).
Како што соопшти СНЦБ/НМБС, поради штрајкот денеска ќе сообраќаат три петтини од сите возови во Белгија, поради што им се препорачува на граѓаните пред да заминат на патување да се информираат за тоа кои железнички линии ќе функционираат во текот на денот.
Одржувањето на денешниот штрајк го најавија Генералната унија на јавниот сектор – Железница (ЦГСП/АЦОД) и Генералниот христијански синдикат – Транспорт (ЦСЦ/АЦВ), по што кон него се приклучија и Слободниот синдикат на јавниот сектор – Железница (СЛФП/ВСОА), Самостојниот синдикат на железничарите (СИЦ/ОВС) и Автономниот сојуз на машиновозачите (САЦТ/АСТБ).
Ова е 22-ри еднодневен штрајк на вработените во белгиската железница од почетокот на годината, а за 29 април веќе е најавен и 23-от овогодишен штрајк на железничарите.
Штрајковите се организираат поради незадоволство на вработените во железницата од најавените серија реформи на белгиската Федерална влада, кои, меѓу другото, вклучуваат и зголемување на старосната граница за пензионирање, поголема флексибилност во работното време и мерки за штедење во железницата.