Актерот Тони Михаловски остро реагираше на Фејсбук по повод неисплатените плати за вработените во културата и оправдувањата од страна на министерот Зоран Љутков, кој е и актер. Во своја стилски препознатлива објава, Михаловски ги нарече надлежните „смешни и расипани, како да ве составувал Нушич“, упатувајќи критики кон оние што, според него, забораваат кои биле откако ќе се искачат на функција.
„За пуста функција и преку трупови ќе газите… Ја умревте културата. Ја распнавте и заковавте клинци и ја оставивте да умре. Симболично или не – баш пред Велигден“, пишува Михаловски, алудирајќи дека културата, иако жртвувана, ќе воскресне и ќе покаже дека е „поголема и побитна од сите вас во институциите оптан топтан“.
Актерот не го поштеди ниту самиот министер за култура, споменувајќи дека „не ја гледал претставата затоа што била добра“, и додава дека вечерва ќе ја одиграат претставата „за да не ја изневерат публиката која си платила карта, иако ние уште немаме земено плата“.
Михаловски го завршува својот статус со порака: „Се гледаме на барикадите, пошто на сцена не заслужувате да се гледаме. А реално – слабо и одите у театар.“
„Смешни, и расипани, сте како Нушич да ве составувал. Кога ќе се поткачите една скала над другите веднаш почнувате да серете врз нив.
За пуста функција и преку трупови ќе газите. Заборавате кои сте биле и сите што ве знаат ги бришете од “живи” за да “умре” со нив и вашата вистина. Ама не умира пустата туку о.ц “како шило врти врти и ќе излезе на другата страна” з.ц. Авторот на цитатот добро познат на “војводите”. А еве ја вистината.
Ја умревте културата. Ја распнавте и заковавте клинци и ја оставивте да умре. Симболично или не баш пред Велигден. Знаете што следува, нели. Таа ќе “воскресне” и ќе ви покаже дека е поголема и побитна од сите вас во институциите оптан топтан.
Се гледаме на “барикадите” пошто на сцена не заслужувате да се гледаме, а реално и слабо одите у театар.
Вечерва имаме претстава. Онаа популарната. Онаа што “министерот” не ја гледал пошто била добра. Јаден он и јадна култура со се туризам.
Најверојатно ќе играме за да не ја изневериме публиката која платила карти а ние сеуште немаме плата.
И најверојатно заради среќните робови кои се најголеми непријатели на Слободата.“, напиша Михајловски.
Ј. Ѓ.