Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Седам на сончевата тераса на кафулето Мулири, со нивниот убав топол мафин и одличното еспресо, и гледам една група туристи на малиот плоштад кај Ибни Пајко од левата страна на Вардар.
Водичот покажува кон она што треба да биде фонтана, со фигурите на тоа што треба да ја претставува мајка му на детето Александар Македонски во разни пози – го дои, гушка итн. Фонтаната е пресушена, а фигурите се позеленети и изгледаат уште полошо отколку кога беа нови. Целата фонтана не оддава впечаток на некакво сведоштво за минатото, туку е само нешто грдо, валкано и, најмногу од сè, непотребно и бесмислено. Како нискобуџетна пародија на Господарот на прстените во мизерен балкански стил.
Во радиус од 30-ина метри, има уште две фонтани што може да се опишат со истите зборови. Едната од нив прскаше неколку минути со млаз кој повеќе наликуваше на пукната цевка, отколку млаз на фонтана, за потоа и тоа да секне. Како да се срамеше од своето постоење, со страв дека некој од тие што фрлаат поглед на неа, всушност, имаат вкус.
Мостот го чуваат споменици на нешто што треба да симболизира светци, непропорционални и вештачки објекти, невешто залепени во амбиентот. Малку понатаму се двете исклучително грди зданија на МНТ и Музејот на ВМРО кои се протегаат по должината на речниот брег на малиот Вардар. Вон контекст, само така насаден, зад светците има уште еден грд споменик на некој дебелкав, мустаќест чичко, вооружен со меч и пиштол, ако добро гледам одовде.
Седам на сончевата тераса обиколена со прозорци, па за миг се обидов да се утешам (неуспешно) со мислата дека гледам во некој кошмарен свет кој, всушност, не постои. Порано знаев повеќе за овие споменици и градби кои, освен што беа грди, беа скандалозно скапи и сведочеа за голема корупција и грабеж на народните пари.
Со време – откако ми стана јасно дека по падот на режимот што го насади грамадниот кич Скопје 2014, никој нема да направи нешто да го поправи градот и да ги казни убијците на естетиката – развив одбранбен механизам: не ги забележував. Иако доминираат во централниот дел од градот во кој поминав најголем дел од животот, зданијата и спомениците на тој чудовишен проект – симбол на длабоко искомплексирана, а истовремено и грабежлива и насилничка власт – јас едноставно не ги гледав. Со години. Но реалноста, нели, е посилна. Тоа сончево попладне се втурна во мојот видокруг и – одново – ме порази со својата грдотија и бесмисленост.
Го движам погледот низ таа повторно откриена глетка. Подалеку в десно, се гледа фонтаната во чие средиште е несмасно големиот споменик на Филип, татко му на Александар. Водата што прска од оваа фонтана мириса на измет. И тој споменик е како голема, несмасна, бесмислена слика на режимот кој, за жал, никогаш не падна вистински, бидејќи не се работи само за политичка партија или властодршци, туку за нешто многу поголемо, подлабоко и погрдо.
Моите мисли ги прекинуваат снапшотови од одново разбудената реалност на Скопје 2014.
Лево од мене е сега затворениот и запуштен хотел Стоун Бриџ, кој целосно се вклопува во идиотскиот кич на гротескниот мегаломански проект Скопје 2014 кој сега е стар веќе една деценија и подеднакво грд како и на почетокот. Во тоа време, инвеститорите имаа обврска да градат во стилот (ако тоа може да се нарече стил) на Скопје 2014. Точно така, тој проектот на режимот не може да се нарече стил. Тоа не е стил. Тоа е психијатриски случај.
Единствениот вистински убав објект во мојот видокругот е Меморијалниот центар на Холокаустот. Може да се види само од една страна, од каде што седам во моментов, но и таа глетка е загадена со глупавите фонтани. Од другата страна на Вардар воопшто не може да се види – заграден е со грдите зданија на театарот и музејот, а од страната на мостот Гоце Делчев е заграден со катна гаража која мириса на урина од приземјето до врвот, и има врати за лифтови – без лифтови.
Сѐ заедно, глетката сведочи за едно насилство на глупави и арогантни пљачкаши и грубијани, без вкус и осет за пристојност.
И додека сонцето се спушта над грдите рабови на градскиот хоризонт, а туристите си заминуваат со фотографии во меморијата на нивните телефони, свесни или несвесни за грдотијата што ја архивирале, ние остануваме – и сведоци и жртви на една национална трагикомедија од бронза, стиропор и урина. Ја пијам последната голтка од еспресото и си мислам…
Можеби е време да ја обновиме идејата за нов вид туристички водичи. Такви што нема восхитено да рецитираат лаги за „антиката“, туку ќе ја раскажуваат вистината за насилството врз естетиката, за перверзијата на кичот, за милионите украдени во име на лажниот идентитет и примитивните националшовинистички наративи. Тоа би биле стории за тоа како еден режим го зароби главниот град и го окова во лаги и срам.
Скопје 2014 не е туристичка атракција. Тоа е музеј на глупоста и алчноста. Отворен за сите. Без влезница. Со последици.
Преземено: Градска.мк