Европската вселена агенција (ESA) успешно лансираше сателит кој за првпат ќе овозможи детално и прецизно мерење на количината на јаглерод складиран во тропските дождовни шуми ширум светот, пренесува Би-Би-Си.
Станува збор за прв сателит од ваков вид, опремен со радар со долга бранова должина – т.н. P-band радар – кој може да навлезе под густата крошна на шумите и да „види“ гранки и стебла кои досега беа недостапни за сателитските инструменти. Сателитот, со маса од 1,2 тони, беше лансиран од космодромот во Куру, Француска Гвајана, и ќе орбитира над Амазонија, Конго и Индонезија – трите најголеми дождовни шуми на планетата.
Антената со пречник од 12 метри, која поради својот изглед е наречена „вселенски чадор“, ќе испраќа сигнали кои ќе овозможат да се добијат „пресеци“ низ шумите, слично како при компјутерска томографија (CT scan). Овие мерења ќе создадат тродимензионални мапи на шумската маса, што е директен показател за количината на складиран јаглерод диоксид – еден од клучните гасови кои влијаат врз климатските промени.
„Ова е пресвртница во разбирањето на улогата на шумите во глобалниот јаглероден циклус“, изјави проф. Џон Ремидиос од Националниот центар за набљудување на Земјата. „Првпат ќе можеме со висока точност да измериме колку јаглерод има во Амазонија, Конго и Индонезија.“
Досега научниците се потпираа на мерења на поединечни дрвја и екстраполации, што е непрактично и непостојано. Новиот сателит ќе овозможи конзистентни податоци за следење на складирањето – но и губењето – на јаглерод во шумите, особено поради сечата.
Сателитот е резултат на повеќедецениски труд на научници од Европа и САД, а идејата за мисијата првпат ја предложил проф. Шон Куиган од Универзитетот во Шефилд. Изградбата на антената ја надгледувале и американски инженери од компанијата L3Harris, специјализирани за вакви големи, отворачки структури.
Првите мапи се очекуваат за околу шест месеци, а мисијата ќе трае најмалку пет години. За разлика од претходните сателити, новиот систем ќе може да работи и низ густи облаци – чест проблем во тропските региони – и ќе овозможи споредливи мерења од година во година.
„Ова е огромен чекор напред во разбирањето на нашите шуми – ресурси кои често ги земаме здраво за готово“, изјави д-р Ралф Корди од компанијата Ербас. „Овие податоци се клучни за борбата против климатските промени – денес, но и за иднината.“
Подготви: Ј. Ѓ.