Пишува: НИКИЦА КОРУБИН
Не беа сами денес во Скопје, родителите и роднините од Кочани, тие се речиси сами повеќе од 40 дена од трагедијата. Беа сами и вчера, кога медиумите доцна ја пренесоа веста за протестот. Беа сами и осамени и сите изминати денови, во строго контролиран медиумски наратив на “дозирање” на прикажување на нивната реалност.
И сите што денес бевме со нив, тие два-три часа, за подршка, за прегратка, за солидарност; сме всушност сами. Но, сами се и тие што не беа таму; и сите минувачи што посматраа во молк, и оние што не можеа, не смееа или не сакаа да се приклучат се сами.
Сами во игнорирањето на реалноста и стравот од соочувањето со неа, сами во соучесништвото, сами во апатијата, сами во авто-цензурата. И тие последици на ефектот на “заробеното општество”, на исклучување, скандализирање и манипулирање, не’ прават осамени, иако сме присутни.
Подобро е “веста” да биде прочитана или погледната, отколку доживеана. Десетина камери и новинари, стрпливо беа цело време присутни, ама повеќето најавата за настанот “случајно” ја затскрија. Нема перцепција на емоцијата, нема глума во енергијата. Доброволно остануваме сами, кога мораме да бидеме присутни. Физички, ментално, идејно. Тоа е суштината на едно општество.
И затоа, не е битно колку граѓани денес решија да бидат поддршка, битно е колку граѓани се свесни дека тие не смеат да останат сами. Не смееме ниту ние да останеме сами. Сами без правда, без вистина, без објективност; сами без функционално општество, сами без перспектива и иднина. Сами решаваме, дали сакаме да бидеме присутни или отсутни од нашата реалност и нашите животи.