Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на новинарско прашање за време на неговата посета на Општина Кавадарци, во однос на тоа како ја оценува состојбата во владината коалиција, напомена дека е одлична, а притоа потврди и дека ќе се случи средба со министерот за здравство Арбен Таравари.
Ова доаѓа откако остана под знак прашање останувањето на министерот за здравство Арбен Таравари во Владата, по превирањата во коалицијата Вреди, еден од владините коалициски партнери покрај ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Владини извори пред неколку дена го повторија ставот дека премиерот Мицкоски ќе оствари средба со Таравари по 1 мај. Одговорот на прашањето ќе продолжи ли тој да биде министер во Владата, како и неговиот сопартиец од АА Арбен Фетаи, ќе се знае по овие разговори.
Крилото на АА на Таравари не е дел од Вреди откако тие решија на локалните избори да имаат посебни листи.