Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Афоризмот е аристократско размислување: тоа е сѐ што аристократот сака да ви го каже; мисли дека тоа би требало бргу да го сфатите, без задржување на ситните детали. Афористичката мисла го конструира размислувањето како трка со пречки, од читателот се очекува да оди брзо, да се движи. Афоризмот не е аргумент; премногу е убаво воспитан за такво нешто.
Да се пишуваат афоризми значи да се стави маска – маската на презирот, на супериорноста. Маска, која во една голема традиција ја прикрива (обликува) тајната потрага на афористичарот по духовниот спас. Парадокси на спасот. Ги гледаме на крајот, кога афористичаревото аморално, левтерно становиште ќе се уништи самото себе.
Се согласувам со Сонтаг во сѐ, дури и во крајот на една афористичка позиција каков што го опишува таа, поаѓајќи од „аморалното и левтерно становиште на афористичарот“.
Јас не сум афористичар, но афористиката ја употребувам и ја сакам точно поради овие возвишености и не малите шанси за пораз.
Сакам да бидам „аморален“ и „левтерен“ на важни, јас би рекол, капитални теми, кои се заштитени со противумната одбрана на актуелниот и традиционален морал, кој, се разбира, не е морален. Тој е само купола под која се одржува секојдневниот саем на пијанството и кичот, на простоќата и глупоќата, кои пак се покажаа како добри препораки за највисоки државни функции и за невидена пљачка.
Без стил.
Седиш на буџетот и ги полниш торбите.
Нема подземни тунели, поштенски возови што треба да се запрат над точно одреден мост за да се исфрлат вреќите со пари, нема восхитувачки идеи како да се совлада комплицираниот алармен систем во некоја банка или галерија и да се извлече некое платно на Климт или на…
Ништо, само проценти од некакви тендери.
Корупцијата во Македонија е економски штетна, но најголемиот пораз го нанесува така што со својата простоќа ги оглупавува луѓето, им ја замрзнува имагинацијата и тие за еден милион денари или евра остануваат ограничени скотови според чии дела никој никогаш нема да сними филм.
Освен Бастер Китон ако стане од мртвите.
Или браќата Маркс.
Роуан Аткинсон.
Добро и Монти Пајтон.
Кој друг би можел да ја игра улогата на еден вморон.
И неговата чета во 2025 година.
„Аморалноста“ на афористиката е средство на борбата против лажниот морал. Во таа смисла, таа „аморалност“ е високо морална. Презирот со кој се вооружува афористичарот не е маска, макар што ја разбирам Сонтаг, тоа е најдлабоко чувство кон неподносливите состојби, нивните манифестации и актери.
Истото се однесува и на супериорноста. Ако е афористичарот вистински „аристократ на мислата“, тогаш неговата супериорност не е просто поза туку однос кон неподносливата ограниченост на заедницата.
Ама, Тричко, ми велат, па тие за кои пишуваш не те разбираат.
Не сум сигурен.
Освен тоа, јас не пишувам за тие да ме разберат туку за оние со кои заедно можеме да ги промениме и смениме говњарите кои јавниот дискурс го цртаат со неверојатна тупавост и безобзирност.
На пример:
Имаше смисла Влатко Стефановски да влезе во студиото на Еби Роуд, имаше смисла и кога јас влегов во Мумок, во Албертина и во некои други виенски галерии и музеи, па во бечките кафулиња на кафе и коњак, но четата вморони на поклонение кај Кензо Танге во Јапонија е исто како свињите од Челопек да дојдат на поклонение пред Пикасо, Мазев, Кондовски, Мартиновски и други великани во Музејот на современата уметност во Скопје! Дури мислам дека на гостите од Челопек тоа повеќе би им личело. Кензо во Скопје не го уби вмро, но вмро отиде да провери дали е мртов и за секој случај му ги истрела во градите и во главата сите куршуми од проектот Скопје 2014.
Вчера имав уште еден интересен статус на темава.
Офаманаман дојде до списокот на дел од државната делегација која од 10 мај до 13 септември ќе престојува во официјална посета на Папуа Нова Гвинеја. Списокот е долг и затоа тука ги донесуваме само имињата и функциите на луѓето што ќе ги води премиерот Мицко во својата лична придружба:
- Ѓорѓи, помалиот син на сестрата на тетка му од Ташмаруништа.
2. Перса, снаа за прв братучед, дипломиран офталмолог, 45 години.
3. Пере, Гоце и Даме, другари од војска.
4. Магдалена, комшивка од приземје, многу добра жена, ќе патува со двете малолетни деца кои нема на кого да ги остави.
5. Мира, жена која треба да се грижи за децата на Магдалена цели четири месеци во деликатната клима на Папуа.
6. Кикифрики со фамилијата.
Ете, почитувани, можеби е добро што толку време не се прибрале.
Вака изгледа јавната потрага по духовен спас.