Во ова време на брзи промени, грижата за македонскиот јазик станува чин на современ патриотизам. И таа грижа не е декларативна, институционална, одговорна и долгорочна. Да му пристапуваме на македонскиот јазик со љубов, знаење и со грижа. Да го говориме правилно и да го живееме со достоинство, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на денешното одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик што се одржа во Македонската академија на науките и ументостите.
– Распнат меѓу забрани и негирања, меѓу туѓи азбуки и премолчени идентитети, тој беше тивко присутен, но секогаш жив. Како низ трнлив пат исполнет со предизвици, и македонскиот јазик минуваше низ тешкотии, но никогаш не се покори. И кога беше забрануван и кога беше понижуван и кога се обидуваа да го замолчат, тој во себе ја носеше силата на истрајноста и обновата, истакна Љутков.
Во мај 1945 година, како што посочи, македонскиот јазик станал признат и кодифициран и ние сме должни не само да го говориме, туку и да го чуваме и да го негуваме.
Љутков посочи дека со заложба на Владата и Министерството за култура и туризам востановен е Инспекторат за правилна употреба на македонскиот јазик.
– Ова е институција создадена не да контролира, туку да повикува на почит, да укажува, едуцира, советува и да го потсетува општеството дека јазикот е нашето заедничко скапоцено богатство и наш врвен национален приоритет, рече Љутков.