Од 8 до 14 мај во Арена „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 37. издание на Саемот на книга под слоганот „Храна за душа“. Најавени на над 65 издавачки куќи и повеќе од 110 промоции и средби со автори.
Како што соопштија организаторите на денешниот брифинг, саемот ќе ги отвори вратите на 8 мај во 10 часот, а официјалното отворање ќе се одржи во 12 часот со обраќање на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Во текот на седумте саемски денови, во кои ќе има и национално претставување на Република Србија, посетителите ќе имаат можност да изберат книги од богата понуда на домашни и странски автори, да присуствуваат на промоции на нови дела и да се запознаат со издавачите.
Љубителите на модерната литература, оваа година, ќе се сретнат со популарниот германски писател Себастијан Фицек, а за најмладите се организирани едукативни и креативни работилници, маскоти и забава на 10 и 11 мај.
Саемот ќе понуди повеќе од 110 промоции и средби со автори, а се очекува бројот на посетители да надмине 30.000, од кои околу 12.000 ученици.
Вратите на Саемот ќе бидат отворени секој ден од 10 до 20 часот, а последниот ден до 18 часот. Цените на влезниците се 100 денари за редовна влезница, 50 денари за ученици и 250 денари за три посети. Влезот е бесплатен за деца до 12 години во присуство на родител.
Со секоја купена влезница, 15 денари ќе бидат донирани на СОС Детското Село.