Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ пристигна во земјава. На скопскиот аеродром беше пречекан од шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.
– Во официјална работна посета на нашата држава, денеска престојува претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ. Во рамки на посетата, предвидени се повеќе активности и средби на високо ниво. Во фокусот на разговорите ќе бидат билатералните односи меѓу двете држави, како и можностите за нивно понатамошно унапредување во духот на пријателство и соработка. Посетата на хрватскиот претседател претставува потврда за традиционално пријателските и партнерски односи, кои се развиваат без отворени прашања – како на билатерално, така и на мултилатерално ниво, напиша Муцунски на „Фејсбук“.
Хрватскиот претседател беше пречекан и со највисоки државни и воени почести во претседателската вила „Водно“ каде имаше средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со која во секој момент се очекува да одржат заедничка прес-конференција.
Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели биле билатералните односи, процесот на нашата европска интеграција низ призма на меѓународниот поредок, ЕУ амбиентот, како и регионалните предизвици.
– Обете страни искажаа задоволство од конструктивната соработка во повеќе области и го потврдија многу пати докажаното силно пријателство, засновано на меѓусебното разбирање, почит и подршка. Водени од актуелните состојби на европскиот континент, но и пошироко, соговорниците укажаа на важноста на усогласениот регионален пристап за справување со безбедносните предизвици, информираа од Кабинетот на претседателката.
Сиљановска-Давкова изразила благодарност за цврстата и континуирана поддршка на Хрватска за македонското членство во ЕУ и подготвеност за проширување и продлабочување на соработката во различни сфери од интерес на двете држави.