Уште една позната видеоигра на „Икс-бокс“ ќе се игра на конзолите на „Плејстејшн“. Се работи за „Гирс оф вор: Релоудед“ (Gears of War: Reloaded) којашто им се придружува на насловите во низата што ја почна „Форза хорајзон 5“ (Forza Horizon 5).
Усовршената верзија на првата игра „Гирс оф вор“ од 2006 година, ќе има свои варијанти за на „Плејстејшн“, „Икс-бокс“ сериите „Икс“ и „С“, како и за на компјутер. Сепак, ќе го заобиколи џебниот „Нинтендо свич 2“, барем засега. Играта ќе биде издадена на 26 август, а ќе чини 40 долари.
Како и секогаш, видеоиграта ќе може да се игра со пријател или во класична соработка со поделен екран. Вкрстеното играње е исто така овозможено за сите платформи – со поддршка за најмногу осум играчи.
За време на минатогодишната конференција „Икс-бокс гејмс шоукејс“ (Xbox Games Showcase), компанијата ја претстави играта „Денот Е“ (Gears of War: E-Day) којашто сè уште нема датум на издавање.