Русија ја нападнала територијата на Украина со 108 дронови во текот на изминатата ноќ, при што 55 од нив биле уништени од противвоздушната одбрана, соопшти Укринформ, повикувајќи се на изјава на украинските воздухопловни сили.
Претходно денеска, украинските државни железници информираа дека бил погоден товарен цивилен воз, при што машиновозачот е ранет. Погодениот товарен воз се наоѓал во источниот регион Доњецк.
Машиновозачот на погодениот воз бил ранет во ногата и е префрлен во болница. Неговата состојба е стабилна, соопштија од украинските државни железници.
Во соопштението се истакнува дека, и покрај опасностите од извршување на работните задачи во близина на фронтот, нивните вработени продолжуваат да работат, опремени со панцири, шлемови и медицински комплети за прва помош.
Од железниците дополнуваат дека нападите на руските сили не довеле до нарушување на распоредот на возовите.
„Повиците за прекин на огнот и понатаму се игнорираат, а непријателските напади врз железничката инфраструктура и транспортот на стоки продолжуваат“, се наведува во соопштението на украинските државни железници.
Русија го започнала масовниот напад синоќа во 23:00 часот по локално време. Во нападот биле пуштени и 30 беспилотни апарати за мамка, кои се изгубиле на трасите.
Украинските воздухопловни сили прецизираат дека дронови биле соборени во источниот, северниот, јужниот и централниот дел на Украина, пренесе МИА.