Научниците од Europe’s Large Hadron Collider (LHC), успешно трансформираа олово во злато, произведувајќи 89.000 атоми во секунда.
LHC е џиновски забрзувач на честички што ги судира атомите со супер големи брзини. Тамошните научници пронајдоа начин да исфрлат три ситни честички наречени протони од атомите на оловото, претворајќи ги во атоми на злато.
Тимот зад ова откритие, нареченo проект ALICE, користел уникатен начин за создавање злато. Наместо да ги судира атомите на оловото директно еден кон друг, тие истражувале што се случува кога атомите едвај се промашуваат. Истражувачите објасниле дека кога тоа се случува, моќните електромагнетни полиња околу атомите можат да предизвикаат тие да се претворат во различни елементи.
„Импресивно е што нашите детектори можат да се справат и со големи судири што создаваат илјадници честички и со овие помали настани што создаваат само неколку честички одеднаш“, рече Марко Ван Левен, кој го води проектот ALICE, во соопштение за медиумите.
Колку злато произведоа?
Во еден период на експерименти од 2015 до 2018 година, научниците создадоа околу 86 милијарди атоми на злато. Тоа звучи многу, но кога ќе го соберете сето тоа злато, научниците рекоа дека тежи само околу 29 пикограми, што е помалку од трилионити дел од грам. Би требало трилиони пати повеќе за да се направи дури и мало парче накит.
Машината може да создаде околу 89.000 атоми на злато секоја секунда, но секој атом постои само мал дел од секундата пред да се распадне. Неодамнешните надградби на машината речиси ја дуплираа количината на злато што може да ја произведе, но сè уште е далеку од практична употреба.
Според Улијана Дмитриева, научник за соработката на ALICE, ова е прв пат научниците да можат да детектираат и проучуваат производство на злато во LHC на овој начин.
„Благодарение на уникатните можности на ALICE ZDC, оваа анализа е првата што систематски експериментално го детектира и анализира потписот на производство на злато во LHC“, рече Дмитриева во соопштението.
Истражувањето не е само за производство на злато
Џон Џовет, друг научник во тимот, рече дека овие експерименти им помагаат да разберат како се однесуваат честичките, што е важно за подобрување на LHC и изградба на идни судирачи на честички.
„Резултатите, исто така, тестираат и подобруваат теоретски модели на електромагнетна дисоцијација, кои, покрај нивниот внатрешен интерес за физика, се користат за разбирање и предвидување на загубите на зраци кои се голема граница за перформансите на LHC и идните судирачи“, рече Џовет во соопштението, пренесува ABC News.
Подготви: Ј. Ѓ.