Македонскиот краткометражен филм „Избор“, во режија на Марко Црногорски и продукција на Дарма Филм, е селектиран за учество на 50. издание на Odense International Film Festival (OFF), кое ќе се одржи од 25 до 31 август 2025 година во Оденсе, Данска. OFF е единствениот краткометражен фестивал во Данска што е квалификувачки за Оскар, Европските филмски награди (EFA) и BAFTA наградите, и се смета за една од најреномираните фестивалски платформи за кратки филмови во Европа, што го прави ова учество особено значајно за македонската кинематографија.
„Избор“ веќе бележи забележителни успеси на меѓународната сцена, меѓу кои награда за најдобар краток филм на 20. South East European Film Festival (SEEfest) во Лос Анџелес. Филмот ја имаше својата светска премиера на 34. Festival de Cine de Palencia во Шпанија, а беше прикажан и на уште два Oscar qualifying фестивали: Cine Lebu во Чиле и Alexandria Short Film Festival во Египет.
„Избор“ е Филм на Марко Црногорски, кој преку иновативна наративна форма и визуелен стил раскажува емотивна и ангажирана приказна за млада мајка, која, соочена со рестриктивен закон што ѝ го забранува абортусот, е приморана да бара илегално решение. Филмот е структуриран во само два кадри, од кои едниот трае 13 и пол минути, што претставува уникатен продукциски предизвик и креативен избор.
Актерската екипа ја предводи Сара Сандева, заедно со Ева Велиќ, Игор Ангелов, Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Ѓорѓи Јолевски, Сара Анастасовска и Дарко Богески. Креативниот тим го сочинуваат: Роза Трајческа Ристовска (костимографија) Дејан Ѓошевски (сценографија) Дарко Спасовски (звук и микс) Блажен Настевски (музика) Михаил Димитров (монтажа) Наум Доксевски (директор на фотографија). Сценариото е потпишано од Јана Пауноска и Марко Црногорски, а проектот е поддржан од Агенцијата за филм.