Преговарачите на Европска Унија и САД денеска ќе ги продолжат разговорите за царините, соопшти Европската комисија.
Европскиот комесар за трговија Марош Шевчович телефонски ќе разговара со американскиот министер за трговија Хауард Лутник, изјави портпаролката на ЕУ, Паула Пињо.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред два дена се закани дека на 1 јуни ќе воведе царини од 50 проценти за европските производи, но тој го смени мислењето, како што наведе, „по многу добриот разговор со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен“.
Трамп соопшти дека одлуката за воведување 50 отсто царини за производите од ЕУ ја пролонгира до 9 јули.
ЕУ изминатите месеци трипати беше погодена со царини објавени од американската администрација – 25 проценти за челик и алуминиум, објавени кон средината на март, 25 отсто за автомобилите и потоа 20 проценти за сите други европски производи во април.
Во сила остануваат и царините од 10 отсто за поголем број стоки што ЕУ ги извезува во САД.
Трамп од почетокот на вториот мандат постојано ја напаѓа Европа, тврдејќи дека е „полоша од Кина“ во трговските односи.