По повод Европската недела на борба против ракот, што годинава се одбележува од 25 до 31 мај, Европската комисија денеска организира вебинар посветен на презентација на резултатите и тековните активности во спроведувањето на Европскиот план за борба против ракот.
Од лансирањето на Европскиот план за борба против ракот во 2021 година, преку него беше обезбедена поддршка на милиони луѓе погодени од рак низ цела Европа. Во рамките на Планот, Еврокомисијата соработува со речиси 630 организации за борба против ракот и веќе издвои 394 милиони евра за активности посветени на оваа цел.
Во наредните години, според најавите, Комисијата ќе продолжи со своите напори за обезбедување ефикасна имплементација на Планот за рак.
Така во однос на превенцијата, ЕК планира да објави ново издание на Европскиот кодекс за борба против рак, кој нуди практични совети за намалување на ризиците од канцер.
Кога станува збор за раното откривање на болеста, Комисијата ќе продолжи да ја поддржува имплементацијата на Препораката за скрининг на рак од 2022 година, со цел до 2030 година 90 отсто од населението да бидат опфатени со скрининг за канцер на дојка, дебело црево или грлото на матката.
Во однос на дијагнозата и третманот, ЕК планира да воспостави мрежа на центри за рак во ЕУ, која ќе биде поддржана со 90 милиони евра.
Во пресрет на Европската недела на борба против ракот, минатата седмица Еврокомисијата организираше друг вебинар, кој беше фокусиран на податоците на Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРЦ) при Светската здравствена организација, кои покажуваат значителна социо-економски нерамноправност во смртноста од рак.
Со овие два настани Европската комисија има за цел да го истакне напредокот во превенцијата, откривањето, дијагностицирањето и третманот на ракот, но исто времено и да работи на идентификување на прашањата на кои треба да се работи повеќе.
По повод Европската недела на борба против ракот, еврокомесарот за здравство и благосостојба на животните Оливер Вархеји изјави дека секој граѓанин на ЕУ заслужува најдобро услови во грижата за ракот.
– Тоа значи најсовремена технологија, висококвалитетна терапија и робусни здравствени системи. Тоа е она на што работам – Европска здравствена унија, која обезбедува пристап до лековите што им се потребни на пациентите и решенија од следната генерација базирани на податоци, истакна Вархеји.