Израелскиот министер за финансии, Бецалел Смотрич, предизвика нова контроверза со повици за окупација и населување на Појасот Газа, како и за обнова на храмот на местото на џамијата Ал-Акса во Ерусалим.
За време на т.н. „Марш на знамето“, настан организиран од екстремно десничарски групи, во Стариот град на Ерусалим се собраа израелски политичари и нивни симпатизери, извикувајќи пароли како „Смрт за Арапите“ и „Нека изгорат вашите села“.
Смотрич, обраќајќи се пред собраните, изјави дека Израел повеќе не се плаши од терминот окупација.
– Се плашиме ли од победа? Се плашиме ли од зборот окупација? Не. Освојуваме и населуваме израелска земја, ја ослободуваме Газа, ја населуваме Газа и го победуваме непријателот, рече министерот.
Тој додаде дека со „Божја помош“ ќе ги прошири границите на Израел, ќе го оствари „целосното откупување“ и ќе го обнови храмот на местото на Ал-Акса.
Изјавите на Смотрич се оценети како провокативни и дополнително ја влошуваат веќе тензичната состојба во регионот, особено меѓу израелските и палестинските заедници.