Во рамки на последниот ден од 15. Филозофски филмски фестивал, вечер ќе бидат прогласени добитниците на наградите од стручното жири и од публиката. На програмата за денеска се четири филмови од минатата година – „Селекција на видеоесеи“ во избор на м-р Ивана Мирчевска. Притоа ќе биде прикажан „Бесконечниот свет“ од Лукас Бергер, а ќе се одржи и проекција на „Случајни животни“ на Лејла Фатима Кејта и Феликс Кле. Дел од селекцијата е и „Дневникот на едно небо“ на Лоренс Абу Хамдан.
И четвртиот видео есеј кој ќе се проектира е „Последни нешта“, филозофско-геолошка медитација направена во духот на постхуманизмот на Дебора Стратман. Тој нè враќа во искуството на материјата – како последна, но жива трага на свет во кој создавањето и распаѓањето се ист процес, а еволуцијата тече низ многубројни, непредвидливи облици.
На Фестивалот вечер ќе биде доделен „Златен був“ за најдобар долгометражен филм според жири и според публика, „Златен був“ за најдобар краткометражен филм според жири и според публика и Специјално признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм.
Годинава жирито беше составено од домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Кумјана Новакова (режисерка), Хасан Сердар Гергерлиоглу (фестивалски директор, Турција) и Мартин Ередеро Кампо (филозоф, Шпанија).
-Во 21:00 часот ќе бидат соопштени наградените филмови, а потоа публиката ќе може да ужива во прекрасното филмско остварување на Дерек Џарман, посветено на еден од најважните филозофи во XX век. Во „Витгенштајн“ (72’) е претставена драматизација на животот и филозофијата на Лудвиг Витгенштајн (1889-1951), преку неколку сцени од неговата биографија, визуелизирани со минималистичка сценографија, врз база на сценарио на литературниот теоретичар Тери Иглтон, најавија од Фестивалот.
По проекцијата ќе биде прикажано постхумно видео-излагање на фестивалскиот пријател и соработник, поранешниот заменик амбасадор на Кралството Шпанија во Скопје, Ернесто Ередеро дел Кампо, насловено „Витгенштајн и филмот“.