Илјадници српски студенти и граѓани протестираа попладнево во центарот на Белград за да се обидат да го зголемат притисокот врз претседателот Александар Вучиќ да распише предвремени избори.
Во почетокот на овој месец, студентите повикаа на предвремени избори за да се стави крај на политичката криза, откако владата не ги исполни нивните барања за одговорност за трагедијата во Нови Сад кога се урна бетонска настрешница на железничката станица и загинаа 16 луѓе.
Демонстрантите извикуваа „сакаме избори“, застанаа пред Јавното обвинителство и зградат ана Владата.
„Колку животи мора да бидат загрозени или изгубени за да се стави крај на корупцијата“, беше пораката од протестот во Белград.
Владини претставници постојано повторуваат дека сите барања на студентите се исполнети, додека студентите во блокада велат дека тоа не е вистина.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 16 мај изјави дека изборите ќе се одржат во следната година и пол и дека тие ќе бидат закажани кога надлежните институции ќе донесат одлука за тоа.