На Фронтлајн, во сабота, го претставуваме романот „Кругови“ издание: „Или-Или“ на авторката Тина Иванова.
Ова е современа книга – новела која обработува неколку ликови коишто живеат надреален живот, меѓутоа чие поведение, е поттикнато од објективните општествени, политички и социо-културни случувања. Нејзината кружна симболика потекнува од ликовите коишто тргнуваат од едно место и повторно се враќаат на истото тоа место, без притоа да ја остварат целта што си ја замислиле – да ја изживеат сопствената револуција.
Како што ќе напише рецензентот на оваа книга, д-р Александар Прокопиев, „она што го одликува кусиот роман ‘Кругови’ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот. Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна. Некој поупорен критичар би нашол во прозата на Иванова елементи на филмско сценарио, визуелни елементи во секој случај, затоа што она што доаѓа како плод на визуелното искуство, а тоа е монтажата, дијалозите, атмосферата, има многу визуелни наслојки. Но, токму тоа му дава на ‘Кругови’ една современа постмодерна структура, што сигурно ја вклучува Иванова во редот на најљубопитните истражувачи во новата македонска проза“.
„Кругови“, затоа што асоцира на почетокот и на крајот на животот, на повторното раѓање и повторно умирање.
1 ДЕЛ | 2 ДЕЛ | 3 ДЕЛ | 4 ДЕЛ | 5 ДЕЛ | 6 ДЕЛ | 7 ДЕЛ | 8 ДЕЛ | 9 ДЕЛ | 10 ДЕЛ | 11 ДЕЛ
12 ДЕЛ
РЕВОЛУЦИЈА
Марта, Леви, Морис и Франц во подрумот на Марта разработуваат план како да ја симнат оваа власт од власт. Време, денешно. Град, овој.
Марта: „Дечки, ќе кренеме ли револуција, доста е веќе, не се издржува. Не можам да слушам за уште една изгубена генерација. Сакам стварно да живеам, без разлика кога ќе умрам. Еве, јас се пријавувам да напишам манифест. А, бе немам појма што е тоа, ама ете, модерно било да се пишува манифест“.
Леви: „Да, бе да, јас сум за, знаеш дека секогаш сум бил твоја десна рака, ха, ха… И онака левата ја немаш. Која будала си ти. Сè уште си убава и шармантна, не му ја мисли, ќе облечеш црно фустанче и сè ќе ти се прости.“
Марта: „Јади гомна, знаеш дека ми е гајле за тоа. Дајте да направиме план. Морисе, ти си бил во војска, друже, ти ќе бидеш идеоносецот, а?“
Морис: „Клинци, јас веќе одамна смислив план, и тоа разработен детално, само не знам дали ќе го прифатите. Хики ќе падне ко падобранец на кој ни резервниот не му се отвора, така неспремен. Франц, знаеш за мојата идеја нели?“
Франц: „Како ќе кажете бе, само не ми давајте пушка у рака зашто све ќе испоубијам и живо и мртво.“
Марта: „Ајде бе, јас сè уште имам некакво влијание, ќе најдам луѓе, нешто пари за летоци, и за каков било друг материјал“.
Во подрумот влегува мајка ѝ на Марта, жена со крајно либерални сфаќања. Пред неа се мота џоинт, се пушти, пие, не се кријат никакви тајни. Книгите ја научиле дека човекот, сепак, на крајот, сам си го наоѓа патот. Барем така често знаеше да каже.
Мајката: „Ви донесов палачинки, еурокрем и сирење, кој сака солени, кој сака благи, изволте!“
Марта: „Мамо, слушај, ти ќе нè поддржиш во нашиот план, спремаме револуција, не треба ништо, само да ни дадеш нешто малку пари, и по некој сендвич деновиве колку да не умреме, а? Хе, хе, се зезам де, па не е војна, не сме во скривница“.
Мајката: „Само да не биде некоја веќе видена деца, смислете нешто оригинално. Ќе ве поддржам де, што, немам пари, а за сендвичи ќе видиме. Правете што ќе правите, само да сте живи“.
Си заминува.
Морис: „Еве вака. Ви текнува на Крвав комшијата? Оној што заврши во лудница. Куќата сè уште му зјае празна. Никој не ја населил. И цела железарија што ја собираше му е во подрум. Ќе собереме све што има од тоа железото, ако веќе Циганиве не го дрпнале, и ќе го зашвајцуваме околу парламент да не можат да си одат дома овие будаливе. Креветот на кој Крвав ги правеше одлепените мултимедијални проекти ќе го чуваме на крајот, за Хики. Кога ќе излезат дечкиве од парламент, пошто нема каде да бегаат, ќе фрламе со гомна по нив. Онака бе, без пушки и пиштоли, а? Заеби војската, тоа нема везе. Чисто да им покажеме дека гомна со гомна се тепаат, а?“
Леви: „Е, кај ќе најдеме толку гомна бе?“
Франц: „Сегде има по градов бе, не приметуете? Не го исчистиле со години. Леви, дај да смотаме од тоа, па ќе видиме што понатаму.“
Леви вади кеса трева, мота џоинт и сите повлекуваат по малку.
Марта: „Дечки, вчера ја видов Вања, ја пуштиле од болница, скроз е одлепена може да ни помогне околу ова.“
Франц: „Не бе заеби, луда е, ќе направи некоја беља.“
Марта: „А бе, мајка ми ми кажа дека Сара конечно ја средила работата со станот, дека била О.К. и со неа ќе живее, значи О.К. е девојката. Она само да прави сцена пред Собрание, да направи галама, да дојдат новинари, да се направи шоу, па после ние наступаме.“
Морис: „Може, може…, добра идеја.“
Леви: „Дајте бре луѓе, вие кај живеете? Крвав лежи на болнички кревет. Не му е добро, сестрите се околу него и секој момент чекаат да умре, го барал другар му Леден, не можеле да го најдат, сакал да го види пред смртта, а ние ќе му го крадеме железото. Сара е во тотален шок, вчера ја видов, сè ми раскажа. Вања била во уште полоша состојба, скроз ја запечатиле, нема излегување до крајот. Какво лудување пред Собрание!“
Марта: „Дај не ја расипувај работава, уствари мене највише ми е за оние моине кодошчиња од работа, а и самата за себе. Морам да го исперам образот, морам да се исчистам од гадотијата што ја направив, признавам згрешив, сега морам да се исперам.“
Франц: „Да, бе да, ти правеше оргии кои завршија фатално, па сега ние да ти помагаме, а? Сега ми текна мене, не може така.“
Морис: „А, бе кои говеда сте вие, кои хипокризични створења, ќе правиме ли револуција или не?“
Марта: „Изгледа не. Со вакви стаорци како вас може само да сонуваме за тоа.“
Морис: „А бе вие сте срање генерација, немате дух, немате капацитет за револуција. Мислев крајот да го направам величествен, да ја пуштам, после сцената со гомната, химната на Европа, Ода на радоста од мојот Бетовен, и тука ќе имаше извикувања и пароли, нешто ќе смислев, нешто како Одиме ли во европските катакомби?! и слично, сега тоа ми паѓа на памет. А, кога ќе излезеше Хики, ќе настапевме со I wanna be your dog од Иги, онака го замишљав бе, да ползи пред нас, да не моли. Со Ода ќе го прославевме конечно и нашето братство“.
Настапи тотална тишина. Подрумот стана како картонска кутија, а Морис, Марта, Франц и Леви, спијат како кукли марионети кои некогаш забавувале некои деца, можеби моите не знам, а денес се заборавени во густа пајажина.
Иги не стигна во Америка. Потиштениот Карл вон Личновски, или чичко Гмизавец сладоледџијата, во својот чин на самоубивање направи и друга беља. Првите два куршума, пред третиот да си го забие во слепоочницата, ги испука во воздух. Едниот куршум го прободе капутот што го позајми Иги од Бетовен. Тоа беа неговите крилја. Сега падна пробиен како пупунец долу на земја. Тигар и Лена, моите две малолетни деца, мислеа дека е Проспер. И јас помислив така. Бадијала ни даде надеж. А, Карл отиде на другата страна од ѕидот, потиштен од цврстата снага на неговиот двојник Миро. Не можеше да го истрпи тоа, па реши да се ослободи.
Милиони честитки прав ми го покрија лицето. Долгата коса која ме скокоткаше, всушност, беше полна со конци од пајажина. Се разделивме како никогаш да не сме биле поврзани. Никој со никого. Ништо со ништо. Ниту мајка ми, сега сфатив, никогаш не сум ја ни доближила до моето срце. Соништата, секако, не ни се остварија. Многу бевме слаби пред власта, пред себе си. Не бевме победници, бевме лузери. Само Миро остана. Негова задача беше да ги брише трагите од крв распрскани на скопскиот плоштад.
„Смртта и никогаш не постоела, жено. Смртта сме ние самите. Ние ја замислуваме, измислуваме, ние стравуваме, понекогаш, ама сосема сосема ретко и ја посакуваме“, ќе ѝ кажеше Миро на мајка ми. Таа мене ми ги пренесуваше мудростите на Миро, правеше избор од сето она што тој им го велеше на книгите додека ги прелистуваше нивните страници. Јас не читав. И покрај напластените прекрасни наслови околу мене, не читав. Ме интригираа само првите пасуси, понекогаш имињата и презимињата на авторите, и најмногу кориците. Затоа, си мислам, и не можев да напишам сценарио за револуцијата. Не можеа ниту Франц и Леви, бевме од ист ков, како од иста мајка родени.
Ха, колку трагично. Се најдовме во вакуум-простор, во една тотална празнина без мудрости, која не ветува ниту добри поколенија.
Сите овие случувања погоре на странициве, мој драг читателе, ако воопшто постоиш, ги гледам сега. Во ист миг. Ми минуваат како брзи слики, како безлични реклами или музички спотови. Така неосетно, иако знам дека оставиле на мене длабоки брчки. Длабоко бреме на моите гради. Па, ете, пишував и што? Истата состојба си трае. Неуспешна терапија.