Наместо политичка дебата со аргументи, владејачката ВМРО-ДПМНЕ сѐ почесто се одлучува за вулгаризации, лични дискредитации и сексистички алузии. Последната реакција на интервјуто на поранешниот претседател Стево Пендаровски за „Дојче Веле“ не е критика на Пендаровски како поранешен претседател — тоа е легитимно право на секоја политичка структура, туку е комбинација на навреди, понижувања и несоодветни метафори кои ја нормализираат мизогинијата и поттикнуваат културна нетолеранција.
Нарекувајќи го Пендаровски „Тивок како француска собарка пред важен гостин“ – е понижувачка фраза кон жените, кон одредена професија, кон гласачите дури и кон граѓаните на Франција. Дали ВМРО-ДПМНЕ сака да ја претстави жената како подредено, тивко и сервилно суштество – што е неприфатливо за партија што треба да ја гради еднаквоста и достоинството на сите граѓани?
Дополнително, напаѓајќи го Пендаровски со ваков речник, ВМРО-ДПМНЕ, партија што се фали со реформи, евроинтеграции и сојузништва со западни демократии, треба да покаже дека ги разбира и применува европските вредности – особено во јавната комуникација.
Затоа, критиката кон Пендаровски може и треба да постои – но без навреди, без сексизам и без омаловажување. Држава која сака да биде сериозен меѓународен партнер, прво треба да покаже сериозност дома – и тоа почнува со употреба на јазикот за комуникација со јавноста.
Извор: Редакција Рацин