Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска на одбележувањето 80 години постоење на Завод за статистика одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за растот на БДП споредено со другите земји од Европа, изјави:
„Па јас тоа го кажувам изминатиов период и очекувам конечно и првиот квартал од оваа година да покаже едно консолидирање, да бидеме во првите пет- шест, би рекол економии во Европа, во првиот квартал според процентот од Бруто домашниот производ на раст, да речеме би се задржал на онаа бројка што од порано ја имам комуницирано, помеѓу три- четири проценти, но да видиме деновиве, претпоставувам ќе се објави и таа бројка.“, известија од Владата.
Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков потврди дека податоците за растот на БДП ќе ги објават утре во 12 часот.
-Податокот за Бруто домашниот производ ќе го објавиме утре, точно во 12 часот. Така што целата јавност ќе може да ги анализира податоците. Знаете дека ние стриктно ги почитуваме нашите статистички стандарди, податоците ги објавуваме преку календарот на објавување, точно во 12 часот, што значи сите корисници да имаат едновремен пристап до податоците, вели Станков.
Според податоците на Државниот завод за статистика објавени на 4 март 2025 година во четвтото тримесчје од 2024 година стапката на растот на БДП е 3,2 отсто.