Судирот меѓу нашата галаксија Млечниот Пат и најголемиот сосед, галаксијата Андромеда, за кој долго време се сметаше дека ќе се случи за околу 4,5 милијарди години, можеби и не е толку сигурен како што досега се претпоставуваше. Ново истражување, објавено во списанието Nature Astronomy, покажува дека шансите за овој космички судир се далеку помали од претходно предвидените.
Иако Млечниот Пат и Андромеда, кои се оддалечени околу 2,5 милиони светлосни години, се движат еден кон друг со брзина од околу 100 километри во секунда, симулации засновани на нови податоци од телескопите Хабл и Гаја откриваат дека постои само 2% шанса за судир во наредните 4 до 5 милијарди години. Наместо тоа, веројатноста за судир во наредните 10 милијарди години изнесува околу 50%.
Истражувачите го земале предвид и гравитациското влијание на други галаксии од таканаречената Локална група, вклучувајќи ги Големиот Магеланов Облак (ЛМЦ) и галаксијата Тријаголник (М33). Овие помали галаксии, кои орбитираат околу Млечниот Пат и Андромеда, доведуваат до суптилни промени во движењето на големите галаксии, со што се намалуваат шансите за директен судир.
„До сега мислевме дека судирот со Андромеда е неизбежен. Но сега знаеме дека постои сериозна шанса да ја избегнеме таа судбина,“ вели професорот Карлос Френк од Универзитетот во Дарем, коавтор на студијата.
Според авторите, евентуалниот судир би ги уништил двете спирални галаксии, претворајќи ги во една елиптична галаксија без карактеристични структури. При тоа би се ослободила огромна енергија, нови ѕвезди би се формирале, а централните црни дупки би станале многу активни. Сепак, дури и ако дојде само до блиско поминување без судир, гравитациското „влечење“ би можело значително да ги деформира двете галаксии.
Научниците исто така предвидуваат дека Млечниот Пат со речиси сигурност ќе се судри со Големиот Магеланов Облак во наредните 2 милијарди години. Иако тоа нема да ја уништи галаксијата, ќе има длабоко влијание врз нејзиниот облик, нејзиниот ореол и супермасивната црна дупка во центарот.
„Судирот со ЛМЦ нема да ја уништи галаксијата, но ќе ја промени суштински,“ додава Френк.
Сепак, истражувачите предупредуваат дека постојат бројни непознати параметри — од точните маси на галаксиите до нивната моментална брзина и правец на движење — што ги прави ваквите предвидувања исклучително сложени.
Конечно, и покрај космичките игри на судбината, научниците велат дека иднината на нашата планета најверојатно ќе биде одредена од судбината на Сонцето, кое за околу 5 милијарди години ќе се прошири во црвен џин и најверојатно ќе ја проголта Земјата. Како што вели водечкиот автор на студијата, д-р Тил Савала од Универзитетот во Хелсинки:
„Краткиот одговор е дека крајот на Сонцето е многу поопасен за Земјата отколку евентуалниот судир со Андромеда.“
Редакција Фронтлајн