Претставниците на опозициските листи прогласија победа на локалните избори во српските градови Косјериќ и Заечар, додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Српската напредна странка (СНС) убедливо победила во тие два града.
Претседателот на Србија на прес-конференција во просториите на СНС изјави дека партијата убедливо победила во Заечар, додека во Косјериќ победата била тесна, но „не е доведена во прашање“.
Претходно, пратеничката на Демократската партија Драгана Рашиќ им порача на собраните во центарот на Заечар дека ова е најважниот момент не само за Заечар, туку и за сите граѓани на Србија.
Претставниците на опозицијата ги повикаа граѓаните да се соберат на градскиот плоштад за да ја одбранат победата.
Кандидатката за претседател на општината од листата „Обединети за Косјериќ“, Славица Пантовиќ, вечерва прогласи победа на локалните избори на тоа место, објави порталот Н1.
Директорот на програмата на CRTA – (Центар за истражување, транспарентност и отчетност), независна, непартиска организација на граѓанското општество посветена на развој на демократска култура и граѓански активизам, Раша Недељков, вечерва изјави дека според прелиминарните резултати од локалните избори во Косјериќ, СНС освоила 3.686 гласови, а дека 3.635 гласачи гласале за листата „Обединети за Косјериќ“.
Според него, ова би ѝ дало на СНС, доколку резултатите не се променат, 14 мандати, а на второпласираната листа 13. За Заечар според него, СНС има 27 мандати додека опозициски листи – 23.
Во Белград и Нови Сад приврзаници на опозицијата слават победа на изборите во тие два српски града и повикуваат на масовност.