Министерството за надворешни работи на Грција преку соопштение им препорача на Грците кои се во Израел да останат на безбедни места, а шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис утрово посочи дека веќе е активирана единица за управување со кризи за грчките државјани во Израел, Иран и поширокиот регион, јави дописничката на МИА од Атина.
– Министерството за надворешни работи, земајќи ја предвид вонредната состојба прогласена во Израел, им препорачува на грчките граѓани кои се наоѓаат во земјата да останат на безбедно место, во близина на засолниште и да ги следат упатствата на локалните власти. Израелскиот воздушен простор е затворен и во моментов нема летови до и од аеродромот Бен Гурион, соопштија од грчкото МНР.
Шефот на грчката дипломатија во интервју за телевизијата „Опен“ утрово посочи дека веќе е активирана единица за управување со кризи во Министерството, за безбедноста на грчките државјани, а за ситуацијата на Блискиот Исток посочи дека е потребна смиреност, без понатамошна ескалација, со оглед на тоа што се очекува и одговор од Иран.
– Мислам дека треба да има голема мобилизација, а во ова придонесува и Грција како избрана членка на Советот за безбедност. Веќе започнав контакти со нашите сојузници во поширокиот регион, кои исто така се во состојба на голема будност. Мислам дека е потребен голем сојуз за да можеме да избегнеме понатамошна ескалација, но во овој момент постои голема загриженост за случувањата во регионот, рече Герапетритис.