Оваа недела, во организација на Програмата „ЕУ за општините“, се одржува првиот ЕУ-МК Саем за одржлив локален развој и вмрежување. Целта на овој еднодневен настан, кој ќе се одржи во Скопје на 18 јуни 2025 година, е да се промовираат добри практики и успешни проекти финансирани од ЕУ, да се поттикнат нови партнерства меѓу општините, како и да се отвори простор за размена на искуства и идеи за понатамошен локален развој.
Настанот ќе ги претстави резултатите од повеќегодишната соработка меѓу општините од Северна Македонија и нивните партнери од земјите-членки на Европската унија, како и вложувањата кои ги прави Европската Унија преку Програмата „ЕУ за општините“. За присуство на настанот, сите заинтересирани можат да се најават со регистрација на следниот линк.
Посебен фокус ќе биде ставен и на теми како што се урбаната мобилност и менаџмент на туристички дестинации, како два клучни аспекта на одржливиот развој на локално ниво. Предвидено е претставување на конкретни решенија од општините Велес, Струмица, Кавадарци и други, како и искуства од германските региони Гронау и Енепе-Рур, и грчката општина Едеса. Саемот се очекува да овозможи вмрежување, билатерални средби и интерактивна дискусија меѓу општините и меѓународните партнери.
Настанот ќе биде организиран во форма на саем, со учество на делегации од ЕЛС од Северна Македонија, Германија и Грција, министри во Владата, ЕУ Делегацијата во земјава, како и други релевантни чинители.
Овој Саем е дел од завршните активности на програмата „ЕУ за општините“ која во изминатите пет години придонесе за конкретни подобрувања на локално ниво во речиси сите 81-на општина низ Северна Македонија. Преку оваа Програма, ЕУ уште еднаш ја потврдува својата поддршка за пристапниот процес и ги препознава општините како клучни партнери во приближувањето кон европските стандарди.