Мо Салах стана една од најголемите легенди во историјата на Ливерпул, постигнувајќи 245 голови за осум години на „Енфилд“. Но, неговото пристигнување во клубот во 2017 година не било однапред загарантирано.
По една титула во Лигата на шампионите, две титули во Премиер лигата, два Лига купа и еден ФА куп, денес изгледа речиси незамисливо дека Салах можеби никогаш немаше да дојде во Мерсисајд, пишува „This is Anfiеld“.
Иако одамна е познато дека Јулијан Брант бил првиот избор на Јирген Клоп во 2017 година, сега поранешниот директор за истражувања на Ливерпул, д-р Иан Греам, открива како успеале да му го променат мислењето.
„Ливерпул беше првиот клуб со сопствен оддел за аналитика. Нашата работа беше да собираме податоци од 60 различни лиги и да ги пренесуваме сознанијата до оние што носат одлуки,“ изјави Греам за BBC Sport.
„Јирген беше отворен за нови идеи. Ако му покажевме зошто некој играч, за кој не размислувал претходно, е навистина добар, ќе речеше: ‘ОК, разбирам што сакаш да кажеш. Можеби навистина треба да го доведеме овој играч’ – на пример, Мо Салах.“
„Според нашата анализа, Мо беше најдобриот млад офанзивец на крило во Европа – без конкуренција. Рома беше под финансиски притисок и мораше да продава, но Клоп го преферираше Јулијан Брант.“
Во тој период, германскиот офанзивец Брант имаше само 21 година, но веќе одигра над 130 натпревари за Баер Леверкузен, вклучувајќи и настапи во Лигата на шампионите. Клоп го познаваше добро од Бундеслигата и беше импресиониран. Две години подоцна, Брант ќе потпише за поранешниот клуб на Клоп – Борусија Дортмунд.
Греам додава: „Се поставуваше прашањето колку се вклопува. Веќе имавме силни офанзивни играчи. Се согласивме дека Брант е добар млад фудбалер, но не беше на нивото на Салах. Среќа што не бев присутен на средбата на трансфер-комитетот кога Мајкл Едвардс, Дејв Фалос и Бери Хантер требаше да го убедат Клоп дека Салах е подобар избор од Брант.“
„Но, за почит е тоа што Клоп влезе во таа дебата со отворен ум и рече: ‘ОК, убедете ме. Покажете ми дека Салах е подобар.’“
Помошникот на Клоп, Петер Кравиец, рече: „По само една анализа, откако видовме што може Салах, сѐ беше јасно.“
Ова е уште едно сведоштво за пристапот на Клоп – подготвеноста да слуша експерти и да учи од оние со специфично знаење. Тоа е особина што самиот ја посочува како клучна за секој лидер.
Во 2019 година Клоп изјави: „Потребни ми се експерти околу мене. Многу е важно да си емпатичен, да ги разбираш луѓето околу тебе и вистински да ги поддржуваш. Тогаш секој може да дејствува.“
„Тоа е водство – да имаш силни луѓе околу себе кои имаат подобро знаење во својата област од тебе. Не се преправај дека знаеш сѐ. Признај: ‘Во моментов немам поим, дајте ми неколку минути па ќе се снајдам.’“
„Таков сум по природа. Не е некаква филозофија, туку начин на живот.“
Само една недела по оваа изјава, Ливерпул ја освои шестата титула во Лигата на шампионите во Мадрид, совладувајќи го Тотенхем со 2:0 – со тим изграден со помош на податоците од аналитичкиот тим.
Подготви: Ј. Ѓ.