Калифорнискиот доктор Салвадор Пласенсија се согласи да признае вина за нелегално снабдување со кетамин на актерот Метју Пери, ѕвезда на популарната серија Friends, во неделите пред неговата смрт од предозирање – соопштија американските федерални обвинители, пренесува Би-Би-Си.
Пласенсија ќе се изјасни за виновен по четири точки од обвинението за дистрибуција на кетамин. Според обвинителството, ова признание може да му донесе максимална казна затвор до 40 години. Очекувањата се дека формалното признавање вина ќе се случи во наредните недели.
Метју Пери, најпознат по улогата на Чендлер Бинг, беше пронајден мртов во џакузи во неговиот дом во Лос Анџелес во октомври 2023 година. Имаше 54 години. Иако отворено зборуваше за својата борба со депресијата и зависноста, неговата смрт предизвика шок кај фановите ширум светот.
Според доставените пораки до обвинителството од друг инволвиран доктор, Марк Чавез – кој веќе призна вина – Пласенсија го нарекувал Пери „идиот“ и се прашувал колку би платил за дрогата.
Од документите за спогодбата произлегува дека Пласенсија лично му инјектирал кетамин на Пери во неговиот дом, но и на паркингот кај аквариумот во Лонг Бич. Дополнително, докторот ја подучил асистентката на актерот – која исто така е обвинета – како да ја администрира супстанцијата, и им продавал дополнителни ампули за домашна употреба.
Пласенсија е еден од петтемина обвинети за, како што тврди обвинителството, учество во илегална мрежа составена од дилери и медицински лица кои го снабдувале Пери со кетамин. Иако актерот примал кетамин со легален рецепт како дел од третман за депресија, барал повеќе од пропишаната доза.
Според обвинителниот документ, во периодот од 30 септември до 12 октомври 2023 година, доктор Пласенсија продал на Пери и неговата асистентка дваесет ампули од по 5 мл кетамин (100 mg/ml), недовршен пакет кетамин во форма на пастили, како и шприцеви.
Редакција Фронтлајн