Актерот од Mission: Impossible Том Круз и кантри музичарката и актерка Доли Партон ќе добијат почесни Оскари оваа година, заедно со актерката, режисерка и кореографка Деби Ален и сценографот Вин Томас.
Четворицата ќе бидат одликувани со специјални награди на Гувернерските награди на Американската академија за филмски уметности и науки, кои ќе се одржат во ноември.
Претседателката на Академијата, Џенет Јанг, изјави дека станува збор за „четири легендарни личности чии извонредни кариери и посветеност на филмската заедница и натаму оставаат траен печат“, пренесува Гардијан.
Почесните Оскари се доделуваат „за исклучителни достигнувања во текот на животот, значаен придонес за унапредување на филмската уметност и науки во која било област, или за извонредна служба во полза на Академијата“.
Ова ќе биде првиот Оскар за Том Круз, кој досега четири пати бил номиниран – за улогите во Born on the Fourth of July, Magnolia и Rain Man, како и како продуцент на филмот Top Gun: Maverick, номиниран за најдобар филм. Оваа година Круз се враќа во улогата на Итан Хант во осмиот дел од Mission: Impossible.
Доли Партон ќе ја добие наградата Жан Хершолт за хуманитарен придонес, во знак на признание за тоа што „му дава углед на филмскиот свет преку унапредување на човековата благосостојба и поправка на неправдите“. Претходни добитници на оваа награда се Ричард Кертис, Мајкл Џеј Фокс, Тајлер Пери и Анџелина Џоли.
Партон претходно била номинирана за два Оскара за оригинални песни – 9 to 5 и песната од филмот Transamerica.
Деби Ален има освоено пет Еми награди и две номинации за Тони. Позната е по улогите во Fame и Grey’s Anatomy, а има и богато режисерско и продуцентско портфолио со проекти како A Different World, Empire и Insecure. Повеќепати била и кореограф на церемонијата на Оскарите.
Вин Томас, сценограф, има работено на филмови како Hidden Figures, Do the Right Thing, Da 5 Bloods, A Beautiful Mind и Malcolm X. Претседателката Јанг изјави дека тој „ги донесе на светло некои од највпечатливите филмови благодарение на својот визионерски поглед и мајсторство“.
Минатата година почесни Оскари им беа доделени на кастинг директорката Џулиет Тејлор и постхумно на Квинси Џонс.
Редакција Фронтлајн