По повеќе од две години, политички мотивираниот судски процес, против претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, покренат од Христијан Мицкоски – тогашен лидер на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, а сега премиер на Република Северна Македонија, кој го водеше неговиот близок соработник и денешен министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, а пренесен текст што беше преземен од други медиуми, доби завршница откако Апелациониот суд ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд во Скопје во корист на тужителот.
Претседателот на ЦИВИЛ-Центар за слобода, Џабир Дерала, кој во случајов е предмет на тужење од страна на актуелниот премиер Христијан Мицкоски, во јавно обраќање посочи дека и покрај политичкиот притисок и обидите за заплашување преку исцрпувачки судски процес, останува цврсто посветен на вистината, транспарентноста и демократските вредности.
„Овој случај не е само против мене лично – тој е напад врз секој што има храброст да ѝ се спротивстави на неправдата и да ја критикува власта.
Ги повикувам меѓународната заедница, домашните институции и сите бранители на демократијата да бидат будни и гласни против ваквите злоупотреби на моќта. Замолчувањето на критичките гласови само ја продлабочува кризата на демократијата.“, порача Дерала.
„Солидарност со Џабир Дерала – новинарството не е криминал, тоа е човеково право. Ние стоиме со тебе, Џабир!“, ја изрази својата поддршка на социјалните мрежи Мика Бојстер, претседател на германскиот сојуз на новинари.
Својата поддршка до Дерала и тимот на ЦИВИЛ, ја изрази и др.Волфганг Ресман, претседателот на Media Dialogue/Y4M.
„Во солидарност со нашиот партнер од „Медиумскиот дијалог оди на Балканот“, Џабир Дерала и тимот на Цивил МК – заедно ги браниме демократијата и човековите права.“, напиша Ресман.
ЦИВИЛ, преку соопштение изрази поддршка за Дерала, во кое бара почитување на демократските вредности и човековите права и слободи, принципи во кои длабоко се вкоренети и слободата на изразување, медиумските слободи и правата на медиумските работници и застанува силно против секаков вид закани и задушување на фактите и вистината.
„ЦИВИЛ – Центар за слобода бара почитување на демократските вредности и човековите права и слободи, принципи во кои длабоко се вкоренети и слободата на изразување, медиумските слободи и правата на медиумските работници и застанува силно против секаков вид закани и задушување на фактите и вистината.
Во општество каде што политичарите се обидуваат да го замолчат секој критички глас, нашата должност е да зборуваме уште погласно. Замолчувањето е алатка на стравот, но вистината не препознава тишина. Новинарите и активистите не се непријатели, тие се чувари на демократијата. Без слободен збор, нема слободна држава.
Ние стоиме јасно на ставот дека оваа пресуда не е само обид да се замолчи Дерала, туку обид за замолчување на новинарите, активистите, јавните интелектуалци и креаторите на јавното мислење, како и секој човек што го користи јавниот подиум да проговори против неправдите.
Политичарите како Мицкоски и Тошковски кои се плашат од јавна критика не градат држава – тие ја распарчуваат. Тие не сакаат вистина, туку тишина. Но слободата не живее во тишина – таа живее во гласноста, во храброста да се каже тоа што не сака да го слушне врвот на власта.
ЦИВИЛ го поддржува Дерала во континуираната борба за слобода на изразување, бидејќи тоа е борба за достоинство, за правда, за иднина. Да молчиме значи да се откажеме од сопствениот глас. А кога новинарите и граѓанските активисти молчат, лагата зборува во нивно име. Затоа, нема да дозволиме ниту еден властодржец да ни го одземе правото да зборуваме – зашто тоа е првиот чекор кон одземање на сите други права.“, се наведува во соопштението на ЦИВИЛ.
ЦМ
Преземено: Цивил Медиа