Независните советнички групи од повеќе општини низ Македонија, најавуваат засилена политичка активност во пресрет на изборите, обвинувајќи ги партиите дека се обидуваат да им го ограничат учеството.
„Сплотени и посилни од кога било, ние независните советници почнавме да ги раздрмуваме институциите. Од собрание, до парламентарните групи, до ДИК, со цел да покажеме дека не се предаваме така лесно кога партиите ќе решат да ни забранат да излеземе на избори“, наведуваат Зелен Хуман Град во објава на социјалните мрежи.
Кој се плаши од нас?, прашува во објава Горјан Јовановски, советникот во Град Скопје од иницијативата Зелен Хуман Град.
Под мотото „НЕЗАВИСНИТЕ НЕ СЕ ДАВААТ ТАКА ЛЕСНО“, активистите апелираат до граѓаните да не се обесхрабруваат од актуелната политичка состојба:
„Ако велиш дека немаш за кој да гласаш – еве имаш. Независни активисти кои во неколку мандати покажале кои се и какви вредности застапуваат.“
Тие нагласуваат дека за разлика од ставот дека сите политички опции се исти, токму тоа што независните се цел на партиска блокада, зборува спротивното:
„Ако велиш дека сите се исти ко партиите – зошто тогаш партиите заедно се обидуваат да нè блокираат?
Во следните денови, најавуваат објава на „листа на сите успеси што само двајца советници во Град Скопје и група на посветени активисти околу нив ги постигнале“, со цел, како што велат, да покажат дека „успеси има повеќе од која било партија што се плаши од нас“.
Во пораката, независните се децидни:
„Им прпа на партииве? Да. Кршат устав за да се спасат од нас? Да. Ќе успеат? Само во нивните соништа
Граѓаните ги повикуваат да им се приклучат преку нивниот Discord сервер, наведувајќи дека зад оваа иницијатива стојат повеќе локални независни листи, вклучително и:
-
Шанса за Центар
-
Независни За Карпош – За Заштита На Карпош
-
Поинаку
-
Më mirë për Tetovën
-
СТИГА Е – Ново Село, Босилово и Струмица
-
Зелените од Гази Баба
Оваа мобилизација доаѓа во момент кога во Собранието се разгледуваат законски измени кои, според независните иницијативи, можат значително да го отежнат нивниот настап на претстојните избори.
Ј. Ѓ.