Израел утрово нападна област во близина на нуклеарниот реактор со тешка вода Хондаб во централен Иран, кој е дел од нуклеарната програма на Иран, објавија иранските медиуми.
Според ирански официјални лица, објектот бил евакуиран пред нападот и нема ризик од зрачење.
Израелската војска ги предупреди Иранците да го евакуираат подрачјето на нуклеарниот реактор со тешка вода, кој се наоѓа на границата на градовите Арак и Хондаб во централен Иран, поради нивна безбедност, објави „Тајмс оф Израел“. Реакторот со тешка вода се наоѓа на периферијата на Хондаб.
Војската соопшти дека работи во областа против иранската воена инфраструктура.
Истражувачкиот реактор е делумно изграден и порано бил познат како Арак, а Техеран ја известил Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) дека планира да започне со работа на објектот следната година.
Тешката вода помага во ладењето на нуклеарните реактори, но произведува плутониум како нуспроизвод што потенцијално би можел да се користи во нуклеарно оружје.
МААЕ го повика Израел да не ги напаѓа иранските нуклеарни постројки.
Инспекторите на МААЕ, според извештаите, последен пат го посетија Арак на 14 мај.