Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска не сакаше да даде коментар за тоа дали смета дека извештајот на известувачот на Европскиот парламент Томас Вајц за Македонија ќе биде усвоен во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), чие гласање беше презакажано за 24 јуни, нагласувајќи дека ЕП е независна институција, која работи според сопствени правила.
-Европскиот парламент е независна ЕУ институција, која има свој Деловник, свои правила и процедури, секоја дебата организирана од ЕП подлежи на тие правила на Деловникот. Не би можел да дадам никаков коментар, ниту некакво предвидување, одговори кусо Рокас за време на посетата на Крива Паланка, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговите очекувања за извештајот.
На предлог на известувачот Вајц, АФЕТ на 4 јуни го одложи гласањето за усвојување на Предлог-извештајот за земјава за 24 јуни, со образложение дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, порача тогаш Вајц.
Бугарските европарламентарци му забележаа дека Вајц имал средби со политичарите од Македонија, но не и со политичари од Бугарија, како и дека пратеникот задолжен за извештајот бил премногу близок до земјата-кандидат. Вајц за „Политико“ изјави дека за него е стандардна практика да се среќава со претставници од земјата-кандидат за која се пишува извештајот.
Во писмото на 17 претставници на Бугарија во Европскиот парламент се осудува известувачот Вајц, пратеник на Зелените од Австрија, со тврдењето дека Владата на Македонија влијаела врз неговото водење на преговорите и дека тој го игнорирал насилството врз бугарското малцинство таму.
Вајц во изјава за „Политико“, кажа дека бил цел на напади, бидејќи, како што рече, не попуштил на бугарскиот притисок. Тој на новинарот на „Политико“ му покажал неколку заканувачки пораки што ги добил откако неговиот телефонски број бил објавен на бугарските екстремно десничарски профили на социјалните мрежи.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека деновиве добива информации за повторни жестоки политички притисоци од страна на бугарските европратеници и бугарската Влада, дека доколку тој извештај биде изгласан, тоа би можело да ги радикализира проруските структури против сегашната проевропска Влада на Бугарија.
Јас би бил најсреќниот човек доколку тој извештај се изгласа на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), потоа тој оди на седница на ЕП. Деновиве добивам информации за повторни жестоки политички притисоци од страна на бугарските европратеници и бугарската Влада дека ако тој извештај биде изгласан тоа можело да ги радикализира проруските струи против сегашната проевропска Влада на Бугарија. Тоа доволно ви дава одговор во каква состојба е една членка на ЕУ и кој во суштина го попречува евроинтегративниот процес, за кој од опозициската СДСМ или генерално од опозицијата се подготвени на слепо само да потпишуваат. Замислете кога би биле така непромислени и лековерни политичари, каде би бил крајот. Но ние ќе се бориме, ќе продолжиме да се бориме и дел од членовте на АФЕТ и европратенците ни даваат голема поддршка, нагласи Мицкоски.