Велика Британија денеска го предупреди Иран дека одмаздата со напади врз американските бази на Блискиот Исток и блокирањето на клучен трговски пат би била „катастрофална грешка“. Иранскиот парламент вчера одобри мерка за затворање на Ормутскиот теснец, клучен премин за испораките на нафта од Персискиот Залив, објави Политико.
Конечната одлука, која ќе биде донесена додека Иран го разгледува својот одговор на американските воздушни напади врз иранските нуклеарни објекти во текот на викендот, е на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Во разговор за Би-Би-Си, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами рече дека го повикал својот ирански колега да не го ескалира конфликтот понатаму и нагласи дека врховниот лидер „разбира“ дека би било грешка да се блокира теснецот.
-Бев многу јасен: Би било огромна грешка да се пука врз американските бази во регионот во овој момент. Имаме сили во регионот токму сега, рече Лами.
Околу 30 проценти од светските поморски испораки на нафта минуваат низ Ормускиот теснец, според Политико.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој се сретна со Лами во Вашингтон минатата недела, вчера изјави дека блокирањето на преминот би било „економско самоубиство“.
Затворањето на Ормутскиот теснец од страна на Иран би било опасно и не би било добро за никого, изјави високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
„Загриженоста за одмазда и ескалација на војната е голема, особено затоа што затворањето на Ормутскиот теснец од страна на Иран би било исклучително опасно и не би било добро за никого, изјави Калас пред новинарите пред состанокот со министрите за надворешни работи на ЕУ.
Иранската телевизија Прес ТВ објави вчера дека Врховниот совет за национална безбедност на Иран треба да донесе конечна одлука дали да го затвори теснецот, откако парламентот ја поддржа мерката. Околу 20 проценти од глобалната побарувачка за нафта и гас поминува низ каналот.