ЕУ може да преземе мерки за зголемување на притисокот врз Израел доколку нема „конкретни“ подобрувања за жителите на Газа, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, пишува Гардијан.
По средбата со министрите за надворешни работи на блокот во Брисел, Калас изјави дека е „многу јасно“ дека Израел ги прекршил своите обврски за човекови права во Газа и на Западниот Брег.
Таа рече дека ако ситуацијата за Палестинците не се подобри, ЕУ би можела да разговара за „понатамошни мерки и да се врати на ова прашање во јули“.
Но, Калас одби да ги наведе деталите: „Конкретното прашање е што тогаш ние [ЕУ] можеме да се согласиме?, се наведува во Гардијан.
„Но, во моментов, најважно е да се подобри ситуацијата на терен, да се подобрат животите на луѓето во Палестина и да се запре страдањето, а исто така и човечките жртви што ги гледаме таму секој ден“.
Министрите за надворешни работи разговараа за односот на ЕУ со Израел откако извештајот на тимот на Калас пронајде „индикации“ дека нејзиниот сојузник ги прекршува обврските за човекови права поради катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа и насилството на доселениците на Западниот Брег.
Лиса Мусиол од Меѓународната кризна група, која работи на спречување на конфликти, изјави дека ЕУ „пропуштила важна можност да ѝ стави до знаење на израелската влада дека нејзините политики во Газа и на Западниот Брег одамна ја преминале црвената линија и дека ќе имаат цена за односите ЕУ-Израел“.
Преглед на договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел – пакт за трговија и соработка – беше инициран минатиот месец од 17 земји-членки во знак на протест против блокадата на хуманитарната помош за Газа од страна на Израел.
Д. Т. / Цивил Медиа