Во екот на туристичката сезона, хотелите, одморалиштата и рестораните во Албанија бараат 20.000 работници за да одговорат на очекуваниот прилив на туристи.
– Парадоксално, додека овој сектор и многу други се во криза за работници, повеќе од 69.000 граѓани се регистрирале како баратели на работа во канцелариите на агенцијата за вработување. Од нив, повеќе од 17.000 се лица на возраст од 16 до 29 години, кои би можеле да работат во туристичкиот и други сектори, објави Репорт Тв.
Обезбедувањето квалитетна и стандардна услуга за милиони странци кои доаѓаат како туристи, но и за Албанците кои се на одмор во земјата, се чини дека ќе биде уште потешко оваа година.
Албанскиот туристички сојуз повторно изразува загриженост за недостатокот на персонал.
– Оваа година, само во туристичкиот сектор недостигаат 20 илјади работници. Затоа, апелираме да се забрзаат и олеснат процедурите за вработување работници од странство, со оглед на тоа што летната туристичка сезона веќе е почната, нагласуваат од сојузот.
Овој сектор бара квалификувани и неквалификувани работници, од персонал за чистење, келнери, готвачи, шанкери, рецепционери до менаџери и раководители во хотели и ресторани.
Како туризмот и производствениот сектор се соочува со недостиг на работна сила за сите работни нивоа, од хигиеничари до машински работници и инженери.
– И додека бизнисите се во криза за работници, бројот на евидентирани како невработени, расте. Од друга страна, милиони евра се трошат од државниот буџет за исплати на име невработеност на дел од нив, чии семејства се во понеповолна социо – економска положба, наведува телевизијата.
До крајот на мај, за исплата на оваа право на околу 19 илјади невработени потрошени биле 2,7 милиони евра, а се планира до крајот на годинава да бидат исплатени 8 милиони евра. Во периодот 2020-2024 година, од државниот буџет биле потрошени 43 милиони евра, како исплати на име невработеност.
Според законските одредби во Албанија како невработени може да се пријават само лица кои немаат можност за остварување приходи, што подразбира дека оние кои поседуваат земјоделски површини, главно во селата не се евидентираат како невработени.