Американската глумица Дениз Ричардс и канадскиот бизнисмен Арон Фајперс се разведуваат по седум години брак. Барањето за развод го поднел Арон нa 4 јули, а како причина се наведени „непремостливи разлики“, објави списанието „Пипл“ синоќа, повикувајќи се на судските документи.
Според наводите, Фајперс (52) побарал од Ричардс брачна издршка, а исто така, побарал и нивните средства и долгови, вклучувајќи ги неговиот електричен алат, мотоциклот и спортски автомобил, да останат одвоени. Двојката нема свои деца, иако Ричардс претходно говореше дека Фајперс е во процес на посвојување на нејзината 14-годишна ќерка Елоиз. Не е јасно дали посвојувањето официјално се случило.
Довчерашните сопружници се запознале во Малибу, а врската ја почнале во јуни 2017 година. Се венчале на 8 септември 2018 година. Ѕвездата од трилер-класиката „Диви нешта“ претходно беше омажена со Чарли Шин, со кого имаат две ќерки – Сами и Лола. А пак, Фајперс кратко време бил в брак со ѕвездата од „Домаќинки“, Николет Шеридан.
Во март, во една епизода од реалното шоу „Дениз Ричардс и нејзините диви нешта“, Арон и Дениз рекоа дека никогаш нема да се разведат.