По повод 30 години од геноцидот во Сребреница, ЦИВИЛ Центар за слобода нагласува дека Сребреница не е само симбол на страдање. Таа е нем сведок на човечката суровост, но и на човечката тишина. Сребреница е потсетник на тоа што се случува кога омразата ќе надвладее, а светот ќе го сврти погледот настрана.
На денешен ден, пред точно 30 години, Сребреница стана место на незамислива трагедија, геноцид во срцето на Европа. Во јули 1995 година, над 8.000 мажи и момчиња беа убиени само затоа што беа Бошњаци, муслимани. Мајки останаа без синови, сестри без браќа, деца без татковци. Жртвите не добија милост, а преживеаните беа осудени на доживотна тишина, болка и неправда. Болката и ден денес сè уште трае.
Како граѓанска организација која се залага за слобода, човекови права, правда и мир, ние денес се сеќаваме. Се поклонуваме пред жртвите и изразуваме длабока солидарност со нивните семејства. Нивната болка е и наша болка. Нивниот крик е повик до целото човештво – да не дозволи мракот на омразата, национализмот и насилството никогаш повеќе да завладее.
Сребреница не е минато. Таа е жива рана и потсетник на нашата должност – да зборуваме, да се спротивставуваме на секоја форма на негирање, релативизирање и заборавање.
Тишината не е неутрална. Таа е соучесник. Затоа ние гласно кажуваме: Се сеќаваме. Бараме правда. Никогаш да не се повтори Сребреница!
ЦИВИЛ
Преземено: Цивил Медиа