Европската комисија се подготвува да ги засили механизмите за условување на исплатите од буџетот на ЕУ со почитувањето на владеењето на правото, што најмногу ќе ги погоди државите како Унгарија, кои се обвинети за нарушување на демократските стандарди.
Според нацрт-документ до кој дојде „Политико“, во новиот седумгодишен буџет на ЕУ за периодот 2028–2034 година, кој треба да биде објавен в среда, ќе биде вграден „хармонизиран систем на условеност“ кој ќе ги поврзува сите буџетски средства со почитување на владеењето на правото.
Мерките имаат за цел да спречат земји-членки, пред сѐ Унгарија, да ги избегнуваат обврските преку пренасочување на средства од еден програмски столб во друг.
– Регулативата за условеност мора да се применува на сите средства од ЕУ – се наведува во ставот на Финска, поднесен до Комисијата.
Унгарија, која веќе изгуби пристап до 18 милијарди евра поради прекршувања на европското право, го оцени овој систем како „арбитрарен политички притисок“ во области што не се директно поврзани со буџетот.
Според дипломат од ЕУ, Комисијата ја користи политичката слабост на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој заостанува зад проевропскиот ривал Петер Маѓар на анкетите за изборите во 2026 година. Доколку новите правила бидат изгласани до 2027 година, можно е Орбан веќе да не биде на власт, пишува Политико.
Во рамките на предложениот систем, нарушувањата на владеењето на правото ќе се поврзуваат директно со конкретни исплати – на пример, субвенциите за земјоделците нема да бидат засегнати, но може да страдаат програми за академска слобода како „Еразмус“.
Целта е да се осигура дека граѓанското општество – невладини организации, универзитети и медиуми – не ги сносат последиците од постапките на своите влади.
Либералната група „Рениу“ во Европскиот парламент отиде чекор понатаму и побара замрзнатите средства да се доделуваат директно на граѓанските субјекти, заобиколувајќи ги националните влади.
– Јасно поставивме услов: Нема пари за автократи, туку континуирана поддршка за граѓанското општество, изјави Валери Хаер, претседателка на „Рениу“.
Сепак, критичарите предупредуваат дека оваа т.н. „паметна условеност“ може да ги намали стимулите за владите да спроведуваат реформи.
Комесарите треба да ја доработат регулативата на вонреден состанок закажан за викендов.