Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во видео објава што ја пренесе на Фејсбук премиерот, се возат на автопатската делница што го поврзува Врбјани со Охрид, дел од автопат Кичево – Охрид што беше пуштен викендов.
– Аце, вака како што се возиме одлично изгледа ова, вели Мицкоски
„Навистина, долго време граѓаните го чекаа. Практично до ова место кај што и официјално го отворивме овој прв дел од делница од Врбјани до Охрид, до Кичево има уште околу дваесетина километри“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, тунелите на оваа траса се речиси готови, а остануваат уште неколку километри до конечно завршување на целата делница.
„Од тунелите, оттаму е веќе завршен автопатот, до Кичево остануваат седумнаесет километри. Два километри се тунелите кои што се скоро завршени и остануваат петнаесет километри од излезот на тунелите до Кичево“, прецизираше тој.
Мицкоски посочи дека во делот кај селото Ботун има шест косини или свлечишта, кои исто така се дел од предизвиците на трасата. Сепак, порача дека е време да се остават проблемите зад нас.
„Проблемите да ги оставиме во минатото, било што било. Сега да гледаме напред. Граѓаните не избраа да ги решаваме тие проблеми. Ако беше лесно, немаше сигурно да бидеме ние“, рече премиерот.
Од СДСМ вчера истакнаа дека „Кичево–Охрид е симбол на вмровскиот фушерај, СДСМ го спаси проектот и го донесе до 83% завршување“.
„Автопатот Кичево–Охрид е најдобар пример за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ги започнува проектите со цел само да се сликаат и да се пофалат, без основен проект, без испитувања и без решени клучни прашања. Кога СДСМ го презеде проектот во 2017 година, на терен затекнавме само околу 30% прогрес на работите, нерешена експропријација, свлечишта на косините, без изработени клучки и со куп сериозни проблеми. Поради грешките на ВМРО-ДПМНЕ, трасата дури поминуваше преку резервоар за вода за пиење на Кичево, па моравме да ја дислоцираме и да ја заштитиме безбедноста и здравјето на граѓаните. Во 2018 и 2019 година, по комплетно репроектирање, продолживме со работа, и до 2024 година автопатот го предадовме со 83% завршеност“, соопштија СДСМ.
Оттаму нагласуваат дека „Кичево–Охрид е симбол на погрешен избор на модел на изградба од страна на ВМРО-ДПМНЕ — проект започнат од Груевски само за политичко сликање, без геомеханички испитувања, без комплетен основен проект и со штетни последици за граѓаните“.
Ј. Ѓ.