Пишува: ДАНИЕЛ ГРОС / Project Syndicate
Во 1999 година, кога беше воведено еврото, недостатокот на флексибилност на пазарот на труд во Европа се очекуваше да ја отежни реакцијата на шоковите. Овој страв беше оправдан по глобалната финансиска криза една деценија подоцна, кога бумот на недвижности пропадна, што доведе до тешкотии со јавниот долг и продолжени падови во еврозоната. Соединетите Американски Држави, за разлика од тоа, се опоравија од кризата во 2008 година прилично брзо. Но, САД се бореа многу повеќе од Европа да се справат со уште еден голем економски шок: глобализацијата и појавата на Кина како извозна сила.
На многу начини, глобализацијата претстави поголем предизвик за Европа отколку за САД. Додека увозот на стока од САД е речиси на исто ниво како пред 25 години – 10-11% од БДП – увозот на Европската унија се зголеми од околу 11% од БДП до над 14%. Предизвикот што го претстави подемот на Кина, во меѓувреме, е приближно ист на двете страни на Атлантикот. До 2023 година, и ЕУ и САД имаа трговски дефицит со Кина од околу 300 милијарди американски долари годишно.
И покрај овие сличности, наративите за глобализацијата остро се разликуваат помеѓу ЕУ и САД. Иако директните споредби на анкетите на јавното мислење се несовршени, поради варијации во формулцијата и методологијата, основната порака е јасна: Додека големо мнозинство Европејци веруваат дека имаат придобивки од слободната трговија, повеќето Американци мислат дека другите земји имаат повеќе придобивки од нив.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја изгради својата политичка кариера делумно врз овие поплаки – конкретно, наративот дека слободната трговија, особено со Кина, е одговорна за падот на американското производство и борбите на разместените работници од работничката класа во поранешните индистриски центри. Значи, додека лидерите на ЕУ остануваат широко посветени на трговската отвореност – дури ни европските популисти не го прифатија протекционизмот – Трамп ја користи заканата со царини за да ги принуди земјите на ревидирани трговски зделки што се поповолни за САД.
Што ја објаснува оваа трансатлантска разлика? Според значајната студија од 2016 година, зголемувањето на кинескиот увоз довело до губење на 2.4 милиони работни места во САД од 1999 до 2011 година, вклучувајќи скоро еден милион работни места во производството. Последователна студија од истите автори пет години подоцна покажа дека, додека таканаречениот кинески шок „се стабилизирал“ во 2010-12 година, погодените области сé уште се бореа со „влошени“ нивоа на вкупната вработеност и заработка.
Иако овие наоди може да изгледаат осудувачки на прв поглед, контекстот е важен. САД имаат повеќе од 160 милиони работници, а невработеноста остана на многу ниско ниво во последните години. Покрај тоа, Трамп доби околу 77 милиони гласови на последните избори – далеку повеќе од 2.4 милионите раселени од кинескиот шок. Значи, тоа веројатно беше општиот пад на производството – кој, како што покажуваат повеќе студии, е во голема мера потикнат од други фактори освен трговијата, особено автоматизацијата – што ги предизвика Американците да се свртат против слободната трговија.
Но, производствениот сектор на Европа, исто така, опаѓа – и, во многу гранки, загубите ги надминуваат оние во САД. Во текот на последните 20 години, уделот на производството во вкупната вработеност падна за околу три процентни поени во САД (од 13% на 10%); четири процентни поени во Германија (од 23% на 19%); и пет процентни поени во Франција (од 16% на 11%). Не сите европски земји доживеаја загуби од овој размер, но ниту сите американски држави и региони.
Ако разликата во широко прифатените ставови за трговијата не може да се проследи до разликата во обемот на дислокација на пазарот на трдот, што го објаснува ова?
Еден важен фактор може да биде тоа што во Европа – особено Германија – извозот исто така се зголеми, создавајќи нови можности за вработување за работниците кои ги изгубиле своите работни места како резултат на конкуренцијата на увозот. Овие работици дури и не мораа да се преселат, бидејќи успешните извозници можеа да бидат лоцирани во истите региони како и индустриите во опаѓање.
Друга клучна разлика лежи во мрежата за социјална сигурност и индустриските структури во секој регион. Со оглед на повисокото ниво на индустриска специјализација во Америка, работниците имаат поголема веројатност да се преселат за работни места во нови индустрии. Но, мрежата за социјална сигурност на земјата е многу послаба од онаа во Европа, правејќи ги ваквите потези – и прилагодувањата кон економските шокови пошироко – многу потешки, особено за неквалификуваните работници, работниците со пониски плати. Ова помага да се објасни зошто, како што документираат Ен Кејс и Ангус Дитон , САД претрпеа пораст на „смрт од очај“ (поради самоубиство, предозирање со дрога и алкохолизам), особено меѓу мажите од работничката класа, во последните децении. Распаѓањето на семејството и слабеењето на врските во заедницата, исто така, може да играат улога.
Кога Американците и Европејците зборуваат за глобализацијата, тие не зборуваат за обемот на трговијата или губењето на работни места во производството, тие зборуваат и за институциите, социјалната отпорност и политичките наративи. Имањето предвид на оваа поширока слика е од суштинско значење не само за обликување на трговските политики, туку и за насочување на политичките одговори на економските промени во еден нестабилен свет.
Даниел Грос е директор на Институтот за креирање европски политики на Универзитетот Бокони.
Превод: Н. Цветковска
Текстот е преземен од Project Syndicate и објавен на FRONTLINE. Линк до оригиналот: Why Americans and Europeans Disagree About Globalization